Македонија
(Видео) Богдановски: Со намалување на ДДВ за струјата од 18 на 5 отсто помагаме во кратење на трошоците
Осврнувајќи се на одлуката за намалување на данокот на додадена вредност за електричната енергија од 18 на 5 отсто од 1 јули годинава, членот на Комисијата за енергтеика на СДСМ Далибор Богдановски вели дека целта на намалувањето на данокот на додадена вредност е со пониски цени да им се помогне на домаќинствата за намалување на нивните трошоци.
„Со ова намалување граѓаните нема да го почувствуваат можното движење на цената на струјата и ќе се компензира евентуално зголемување на трошоците кај струјата. Сепак, како што рече, последниот збор за утврдување на цената на електричната енергија го има Регулаторната комисија за енергетика, институциите предводени од СДСМ секогаш се на страната на граѓаните и работат за подобрување на животниот стандард“, потенцира тој.
„Цената на струјата во време на ВМРО-ДПМНЕ, во време на најнеспособниот директор на ЕСМ и советник за енергетика на Груевски, Христијан Мицкоски се зголеми за 100%.Покрај зголемување на цената, токму ВМРО-ДПМНЕ ја укина евтината тарифа на струјата што значеше и сериозен дополнителен удар врз џебот на граѓаните, а државата ја направија зависна од увоз на струја“, напомена Богдановски.
„За нас зборот е збор, ја вративме евтината тарифа за струјата, а електричната енергија во Македонија е меѓу најевтините во регионот и во Европа“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Герасимовски: Преку Сервисот за стари лица, нашите сограѓани добиваат помош, грижа и човечка топлина во домот
Општина Центар продолжува да обезбедува непосредна поддршка за своите повозрасни сограѓани преку проектот „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“.
Една од корисниците е 72-годишната Снежана Димовска, која се движи со потешкотии и веќе четири години ја користи услугата. Од самиот почеток таа ја има истата негувателка Јулијана Алексоска Анчевска, која трипати неделно по два часа ѝ помага во одржување на личната хигиена, движењето, домаќинството, посетите кај лекар и набавката на лекови. Преку оваа поддршка, Снежана не само што ја добива неопходната помош во секојдневието, туку го поминува времето во разговор, социјализација и добро расположение, информира општина Центар.
„Станува збор за многу успешен проект од кој корисниците се исклучително задоволни. Со оваа услуга, која општина Центар ја спроведува во соработка со невладината организација „Хуманост“, обезбедуваме директна грижа и поддршка за повозрасните жители во нивните домаќинства. Месечно услугата опфаќа околу 100 жители“, потврдува и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Преку проектот на нега за стари лица, корисниците бесплатно добиваат помош и поддршка од стручни и обучени лица, вклучително негуватели, физиотерапевт и социјален работник, директно во својот дом.
Право на користење на услугата имаат лица постари од 62 години, кои се корисници на пензија или социјална помош, со месечни примања до 35.000 денари и со живеалиште на територија на Општина Центар, се додава во соопштението.
Македонија
8.000 денари еднократна финансиска помош за секое новороденче во општина Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува зголемена финансиска поддршка за секое новородено дете. Од оваа година, секое семејство ќе добива 8.000 денари еднократна финансиска помош, како конкретна поддршка во најубавите, но и најодговорни моменти од родителството, велат од Општината.
Со оваа мерка, Општината испраќа јасна порака за посветеност кон семејството, децата и демографскиот развој, како и континуирана грижа за младите брачни парови кои ја градат својата иднина во Ѓорче Петров.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека оваа одлука е дел од пошироката визија за зајакнување на семејството како темел на локалната заедница:
„Секое новородено дете е нов почеток, надеж и наша заедничка одговорност. Со оваа зголемена финансиска поддршка испраќаме јасна порака дека стоиме зад младите семејства и дека инвестираме во животот од самиот почеток. Грижата за децата не е трошок, туку највредната инвестиција во иднината на нашата општина.“
Финансиската поддршка од 8.000 денари претставува директна помош за родителите, но и симбол на општинска политика насочена кон создавање сигурна, стабилна и охрабрувачка средина за раст, развој и достоинствено детство, додаваат од Општината.
Македонија
Пратениците итно да именуваат директор на Агенцијата за слободен пристап до јавни информации, бараат граѓански организации
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата ги повикува пратениците во Собранието итно да именуваат директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
„Оваа Агенција, која е клучна за заштита на уставно загарантираното право на граѓаните до информациите кои ги поседуваат јавните институции, а со тоа и за транспарентноста на властите на сите нивоа, веќе еден месец е нефункционална поради истекот на мандатот на претходниот директор и неговиот заменик, и неименувањето на ново раководство од страна на Собранието. Правото на граѓаните до информациите од јавен карактер е едно од основните човекови права гарантирани со меѓународните и европските конвенции, како и со Уставот на Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Во него се додават дека поради немање раководни лица, односно директор и заменик на директорот, Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер не може да одлучува по жалбите од барателите на информации, ниту целосно и редовно да ги остварува своите законски надлежности.
„Со ова се оневозможува целосното остварување на правото на граѓаните и сите заинтересирани страни на пристап до информациите од јавен карактер, односно до начинот на којшто јавните институции работат и ги трошат парите на граѓаните. Оттука, се повикуваат пратениците, итно да именуваат раководни кадри на Агенцијата обезбедувајќи континуитет во нејзиното работење и во досегашното успешно остварување на заштитата на правото на граѓаните до јавни информации“, се наведува во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.

