Македонија
(Видео) Вработен во Општина Карпош нападнат на презентацијата на планот за Трнодол
Жителите на Трнодол бараа поголема сала каде што би можело да се одржи јавната расправа за ДУП-от што не го одобруваат.
Ова барање не беше прифатено, ниту одбиено од страна на општинскиот претставник Горан Павлов по што тензиите се вжештија. Жителите на Трнодол велеа дека во салата еден час пред одржувањето на јавната расправа дошле луѓе, кои ги нарекоа партиски војници, со цел да ја саботираат јавната расправа. Кога Павлов се врати во салата, каде што требаше да се одржи расправата, настана тепачка, најпрвин меѓу две групи граѓани, а потоа сите му се нафрлија на општинскиот претствник, кој требаше да го презентира ДУП-от за Трнодол.
Вработените во Општината бараа новинарските екипи да не снимаат и ги туркаа надвор од општинската зграда.

Внатре, освен физички контакт, имаше и пцости.
„Од кого пари зимате м**е ви е**м? За рекетари ли да плаќате, бе? Од мои пари рекетари плаќате. Искочи надвор. Излагај надвор. Излагај п***а ти м***р“, се слушаше во салата од човек што се претстави како жител на населбата.
Општинскиот претставник Павлов рече дека го нападнале повеќе лица.
„Ми се нафрлија повеќемина. Планирана седница не се откажува по лична волја на еден или двајца, јас не можев да бидам тој што ќе одлучи дали ќе одложиме или не“, кусо изјави Павлов.
По инцидентот, во Општината пристигна полиција.
Жителите на Трнодол тврдат дека на седницата се присутни и лица што се дојдени таму по партиска линија.
Тие се жалат на провокации од луѓе присутни на јавната дебата за кои велат дека дошле еден час порано. Тие тврдат дека намерно се носат луѓе за да се создава тензија.

Расправата не почна воопшто по инцидентот.
„Вие имавте провокатори овде“, рече еден од жителите кон вработените во Општината.
Жителите на Трнодол не се согласуваат со детаљниот урбанистички план, кој е ставен на јавна анкета, и кој, според нив, ќе предизвика штета на целата населба. Според нив, спорен детаљ се и маркичките за градба, кои се директно позиционирани врз каналот што ги собира водите од планината, а планираните петкатници ќе го загрозат слободниот проток на вода во случај на големи дождови и дополнително ќе го поткопаат брдото.
Бараат да се повлече предолжениот ДУП и Советот на Општината да донесе мораториум за градба и издавање дозволи за градба во ризичното подрачје, како што се брдата под Трнодол и Жданец. Не сакаат да се чепка структурата на населбата, тие се против тоа обиколница да поминува низ населбата, како што е претставено во планот. Тврдат дека иако градоначалникот им ветил дека се согласува со барањата и забелешките што граѓаните ги доставиле до Општината, на увид им го ставил истиот план, што кај нив предизвикува дополнителен револт. Тие велат дека чекаат нов регулациски план од Град Скопје, кој ќе ги реши спорните барања, и кога тој ќе пристигне, ќе седнат на маса и ќе се договорат заеднички со Општината за новиот ДУП. Доколку не се повлече овој ДУП, тие најавија протести, но и тужби против Општината.
Градоначалникот Богоев, пак, тврди дека се договорил со жителите и дека нема да има нова населба над Трнодол. ДУП-от што го предлага вели дека е по барање на жителите на населбата Козле и треба да се донесе, но тврди и дека не е конечен, ќе биде на јавен увид и може да се поднесуваат забелешки до 27 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

