Македонија
(Видео) Героски во СДСМ го бараше заканувачот што сакаше да го бања во Вардар
Новинарот Бранко Героски изутринава отиде во седиштето на СДСМ да го бара заканувачот што сакаше да го бања во Вардар и кој се претстави како обезбедување во партијата, но не го најде.
„Доцна синоќа примив закана од лик што се претстави како дел од обезбедувањето на СДСМ. Побарав лидерот и партијата да се оградат. Од луѓето од секторот за комуникации бев известен дека ова лице не е вработено во СДСМ. Го добив одговорот за да утврдам дали некој лажно се претставува. Сега ми останува да одлучам дали да го пријавам случајот во полиција. Ова е единствената писмена закана по серијата написи што предизвикаа бура во јавноста. Тука не ги сметам секојдневните настани, како снимање зад грб, но не ги сметам за закани“, рече Героски.
Од партијата не го знаат заканувачот, знаат дека не е обезбедување, но не знаат дали е член на партијата. „Утрово со Героски имавме конструктивен разговор за заканите упатени до него. Како одговорна партија се оградуваме и ја осудуваме заканата. Наша вредност е овозможување слободен говор и тоа го правиме. За тоа се доказ извештаите на „Репортери без граници“. Му кажавме на Героски дека лицето не е обезбедување во СДСМ. Ќе видиме дали е член, а ако е, ќе преземеме чекори во согласност со статусот. СДСМ осудува обид, напад на новинари и изразување на слободната мисла. Станува збор за лице што се претставува како партиско обезбедување, а не е“, изјави Костадин Костадинов од СДСМ.

Синоќа по последниот напис од низата на Героски, во кој зборува за сопственик на телевизија и група од власта што рекетираат наголемо, а дел од парите завршува во медиумот, Героски доби закана од лице што се претставува како обезбедување на СДСМ. Героски последниов период предупредува дека е цел на напади и закани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

