Македонија
(Видео) Османи-Реинсалу: Очекуваме искуството на Естонија која е пионер во дигитализацијата во Европа, значително да ни помогне
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска продолжи со регионалната посета на балтичките земји, при што во Талин се сретна со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу.
На средба двајцата министри го поздравија интензивираниот политички дијалог во изминатиот период, кој ја отсликува заедничката определба за блиски односи и развиена соработка во областите од заемен интерес. Посетата се случува во исклучително сензитивен период на геополитички поместувања, кои имаат значајни импликации врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
Министерот Османи упати благодарност за силната и недвосмислена поддршка на Република Естонија, која во континуитет го помага процесот на европски реформи во нашето општество, но и ја вокализира поддршката во рамки на институциите на Европската Унија.
„Поддршката од Естонија во рамки на Групата на пријатели за проширување заедно со другите балтички земји е во прилог на задржување на европската перспектива и придвижување на европските процеси во Западниот Балкан, вклучително и во нашата земја“, истакна Османи.
Во овој контекст, Османи брифираше за тековниот скрининг-процес, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија, како и за активностите кои престојат во наредниот период.
„Особено значајна за реформските процеси во Северна Македонија е естонската поддршка за дигитализација на институциите во Северна Македонија и искористување на естонската експертиза на овој план. Очекуваме искуството на Естонија која е пионер во дигитализацијата во Европа, значително да ни помогне во натамошно подобрување на услугите во нашата земја“, изјави Османи.
Министерот Реинсалу го подвлече афирмативниот став на официјален Талин за континуирана поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија, не само преку билатерална развојна поддршка, туку и преку промовирање на потребата за напредок и придвижување на регионот на Западен Балкан кон европското семејство. Естонија високо го цени присуството на Северна Македонија на ниво на амбасада во Талин, што ги потврдува одличните пријателски односи меѓу двете земји. Реинсалу се осврна на состојбите во Естонија и безбедносните ризици во непосредно соседство, предизвикани од руската агресија врз Украина, при што ја реафирмира потребата од едногласна солидарност за поддршка на територијалниот интегритет и мир на Украина.
Двајцата министри се согласија дека се потребни геостратешки одлуки во време на сериозни ризици на геополитички план, vis-à-vis војната во Украина, како и единство и солидарност меѓу сите чинители за сочувување на стабилноста, безбедноста и мирот на европскиот континент. Заклучија дека сојузништвото и обединетоста во НАТO во однос на одвраќање и јакнење на Источното крило е од примарно значење за одбранбената положба на алијансата во овој период.
Развојот на состојбите во Западниот Балкан, неодложната потреба од дијалог и меѓусебно почитување на засегнатите страни за изнаоѓање прифатливи решенија за затворање на отворените прашања, беа дел од дискусијата. Министерот Османи брифираше и за идното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, изразувајќи надеж за блиска соработка и поддршка од пријателска Естонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дафина Стојановска итно да си поднесе оставка – пратеничката функција е сосема спротивно од ова што таа го демонстрира“, велат од Левица
Левица бара итна оставка од пратеничката од редовите на ДПМНЕ, Дафина Стојаноска од гостиварско, „која очигледно и веќе во неколку наврати не ја разбира функцијата која ја обавува и мандатот кој и е доверен од граѓаните“.
„Објавувањето снимка во која се појавуваат малолетните деца на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија претставува особено тежок морален и институционален пад за носител на јавна функција. Кога пратеник свесно користи материјал произлезен од следење на синдикален претставник и тоа го пласира во јавноста како средство за дискредитација, станува збор за злоупотреба на мандатот и грубо деградирање на парламентарната функција“, велат од Левица.
„Пратеник е носител на народен суверенитет, лице на кое граѓаните му ја доверуваат законодавната моќ со обврска да постапува разумно, одговорно и во јавен интерес. Мандатот не е привилегија за демонстрација на сила, туку обврска за заштита на достоинството на граѓаните и на демократскиот поредок. Кога некој ја користи функцијата за таргетирање поединци, за вовлекување семејства и деца во политички пресметки и поттикнување атмосфера на заплашување, тој престанува да ја остварува суштината на пратеничката улога и ја сведува функцијата во параван за партиска агресија.
Наместо извинување и повлекување, денес гледаме дополнителна вмровска дрскост! Ем шуто, ем боде. По извршениот чин, се обидуваат да ја релативизираат одговорноста и да глумат жртви, навредувајќи ја интелигенцијата на народот.
Дафина Стојаноска, пратеничка која години наназад е симбол на политичка привилегираност, која цел круг на фамилија го има вдомено во државните институции, со шест стана, меѓу кои и четири во Скопје, а сепак со енормни патни трошоци кои ги наплатува од државната каса – денес си дозволува да таргетира синдикалист кој бара повисоки плати за работниците! Токму тој јаз меѓу комфорот на отуѓената вмровска елита и секојдневната борба на граѓаните ја разголува суштината на проблемот – привилегирана класа која паразитира од јавни средства, а се пресметува со оние што бараат достоинствен живот.
Токму затоа, нејзината одлука да таргетира синдикален лидер кој се бори за повисоки работнички плати ја прави уште понедостојна за функцијата. Таа не ги брани интересите на граѓаните, туку активно учествува во кампања против нивното организирање.
Нема никакво оправдување за објавените снимки од малолетни деца во нејзината налудничава пресметка. Нема никакво оправдување за користење илегално снимени материјали кои очигледно произлегуваат од организирано демнење и следење. Нема никакво оправдување за вакво однесување од носител на јавна функција, кое ги помина сите граници на пристојноста и е чисто кривично дело!
Пратеник кој свесно ги преминува границите на приватност, пристојност и интима – очигледно не си ја разбира обврската како народен претставник, па не ни заслужува да седи во законодавниот дом. Пратеничката функција треба да е сосема спротивно од ова што го демонстрира Дафина Стојаноска!
Оставката на Дафина Стојаноска е чин што барем минимално би го ублажил овој скандал и срам за Собранието“, се вели во соопштението на Левица.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.

