Македонија
(Видео) Пациенти со цистична фиброза над 26 години побараа поддршка за да не плаќаат патарина и партиципација за лекување
Родители на деца со цистична фиброза пред Собранието јавно ги повикаа сите политички партии да им дадат поддршка на законските измени, кои предвидуваат ослободување од партиципација за медицински услуги и лекови за пациенти постари од 26 години и ослободување од плаќање патарина.
„Денес сме тука да ја поздравиме, поддржиме и охрабриме законската инцијатива за ослободување од партиципација од медицински услуги и лекови за пациенти со цистична фиброза постари од 26 години и ослободување од плаќање патарини и патни такси. Ова е дел од наша долгогодишна борба. Бараме и очекуваме поддршка од сите политички партии и пратеници од Собранието на Македонија за прифаќање и брза реализација на законските измени“, рече Жоржета Илиеска од Велес, мајка на дете со цистична фиброза, која вели дека 21 година минува низ голгота поради болеста.
Предложените законски измени, кои носат дополнителни олеснувања за пациентите со цистична фиброза, се во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Нула толеранција за загадувачите
Денеска во просториите на Министерството за животна средина и планирање се одржа координативна средба на која покрај министерот Мухамед Хоџа, присуствуваа и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање – Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.
Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството.
Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи, соопшти министерството.
Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација.
Хоџа на средбата нагласи дека ова е само првиот чекор од низата на чекори кои како министер ќе ги преземе за справување со овој повеќедецениски сложен проблем, за чие решавање ја повика соработката и партнерството од сите кои сакаат да помогнат во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето на почиста животна средина.
Македонија
Дислокацијата на цементарницата не е проблем, но не може како на шведска маса да бираме што да анализираме, а што не, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека решението за воздухот во Скопје е системско, кое ќе понуди алтернативен начин за загревање на домовите на граѓаните од источниот и од западниот дел на градот, каде што нема мрежа за централно парно греење. Тој денес истакна дека дислокација не е проблем за Владата, но решението смета дека треба да е системско и сеопфатно оти има градови во кои нема такви големи капацитети, а загадувањето е високо.
„Што се однесува до дислокацијата, тоа не е никаков проблем, што се однесува на Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и за Владата, но сакам да дојдам до суштината. Суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови. И на источната порта на градот и на западната порта на градот ние немаме понудено опција за граѓаните како да ги затоплуваат своите домови. Тука, пред сѐ, мислам на далечинско греење и гас. И тоа е децениска негрижа. И тоа е основната суштина во целиот овој процес. Тука ние како Влада работиме, развиваме еден проект, деталите ги очекувам на почетокот на следната година“, рече премиерот Мицкоски.
На проектот веќе се работи, потпишан е меморандум за разбирање со инвеститорот за изградба на гасна електрана, со чија изградба првин на граѓаните кај источната порта на градот, а потоа и на оние кај западната, ќе им биде понудена алтернатива за греење. За тоа ќе треба време, но премиерот Мицкоски е задоволен што целта е одредена и што се чекори кон реализација на оваа цел.
„Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем, ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух исто како и во другите градови во Македонија во кои нема такви производни капацитети, но има вонредно високо количество ПМ 2,5 и ПМ 10-честички, така што мора ова да биде системско решение. Не можеме парцијално како на шведска маса да си ги бираме работите, тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме. Мора холистички да биде пристапот и така работиме“, рече премиерот Мицкоски денес по промоцијата на 120 нови полициски возила.
Советот на Скопје синоќа едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од „Зелен хуман град“, по 13-часовна седница, на која, како што соопштија од движењето, првпат биле обединети сите политички групи во Советот во врска со ова прашање.
Македонија
Магла на Стража, Плетвар, Крушево и на патниот правец Бунец – Маврови Анови
Намалена видливост поради појава на магла од 60 – 70 метри има на планинскиот превој Стража, до 50 метри на планинскиот превој Плетвар, од 15 – 20 метри во Крушево и до 20 метри на патниот правец Бунец – Маврови Анови.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

