Македонија
(Видео) Порача леб од скопска пекарница и ѝ го наплатија 50 денари: Од другиот не смееме да даваме
Снимка од граѓани што купуваат леб од фурна во Скопје, а им го наплаќаат за 50 денари парче, излезе во јавноста. Реакциите од граѓаните се дека не се почитува владината одлука за замрзнување на цената на полубелиот и белиот леб, сечен или на парчиња. „Макфакс“ испрати прашања до сопственикот на пекарницата дали ја прекршува забраната со ваквата продажба, но и до Пазарниот инспекторат за тоа дали извршиле контрола во објектот. Од двете места до моментот на објавување нема одговори.
Од видеото, кое е објавено вчеравечер, се слуша како женско лице порачува леб, а кога прашува: „Колку е?“, добива одговор: „50“. На снимката се слуша како женското лице допрашува: „А од овој другиот, нема?“, на што добива одговор: „Нема, не смееме да даваме“.
„Макфакс“ снимката ја испрати и до претставници на Пазарниот инспекторат, чии 170 инспектори вчера беа на терен да утврдат нерегуларности. Од институцијата посочија дека во контролираните објекти се почитувало замрзнувањето на цената. Лебот што бил над 33 денари не бил опфатен со одлуката.
Вчера, извршивме и проверка во повеќе маркети од разни брендови. Во најголем дел рафтовите на кои вообичаено стои полубелиот и белиот леб – беа празни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За неколку дена претседателката Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство
За неколку дена, односно на 23 мај претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство. Тој ден ќе биде примена од Папата Франциск во Ватикан, а следниот ден во Рим ќе присуствува на чевствувањето на светите браќа Кирил и Методиј.
Сиљановска Давкова ќе ја посети базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и базиликата Санта мариа Маџоре каде се наоѓа плочата испишана на македонски јазик. За време на престојот во Рим, претседателката ќе биде примена од претседателот на Италија, Серџо Матарела.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.