Македонија
(Видео) Рашковски со три пораки до јавноста: Не барам да ми верувате на збор
Зоран Заев како премиер бил запознаен дека се набавува софтвер за определување просечна брзина во сообраќајот и изрекување казни. Обвинителството има докази со кои се побива нивниот став дека немало технички прием на софтверот, како и одлука за негова набавка. Тезата дека софтверот е набавен за МВР е неточна. Ова се неколкуте тези на ексгенералниот секретар Драги Рашковски, кој останува на ставот дека сето ова ќе го докаже со документи. Според него и неговиот адвокатски тим, потврдно е дека не е направена никаква штета на буџетот, како што посочува Обвинителството.
„Имате изјава на премиерот во која вели дека е запознаен со набавката. Уште повеќе што ќе може да ви го доставиме доказот 376. Премиерот писмено се има изјаснето кога Државното правобранителство побара да се изјасни. Премиерот вели дека сѐ е набавено за потребите на Владата, сѐ е инсталирано, нема штета, се работи, нема никаква штета на буџетот“, посочува Рашковски на брифинг со новинарите.
Тој во неколку наврати посочи дека не бара да му се верува на збор бидејќи за сѐ има докази, со кои ќе докаже дека не е виновен.
„По завршување на доказната постапка од Обвинителството, ќе го потврдиме тоа. Потоа ќе одиме со афирмативен пристап, со докази и сведоци од наша страна, со цел не да издвојуваме победа, туку да дојдеме до еден прогрес. Прогрес, кој ќе значи не само борба за правда, туку прогрес, кој ќе значи еден нов начин на презентирање и водење доказна постапка од обвинети лица и да завршиме со круната – фактичко презентирање на она што е набавено“, изјави Рашковски.
Ексгенералниот секретар, кому му се суди за нелегална јавна набавка и незаконско делење хонорари, посочува: „Она што во ваков случај е светиња – тоа е материјалниот доказ. Компромис со вистината нема кога станува збор за материјални докази“.
Тој имаше три пораки до јавноста.
„Неточна е тезата дека за предметната јавна набавка за софтвер, не постои одлука за набавка. Тоа е одлука донесена во законска процедура, донесена од надлежен орган и е единствениот документ врз кој вие може да спроведете јавна набавка. Сѐ друго донесено надвор од оваа процедура е прекршување на Законот за јавните набавки. Одлуката е донесена од Генералниот секретаријат, односно јас како генерален секретар. На судското рочиште оваа теза ќе ја докажеме“, рече Рашковски.
По ова, додаде: „Втората неточна теза на Обвинителството, кое успешно ја пласира, а тоа е дека софтверот е набавен за потребите на МВР, а гледате дека е за потребите на Владата. Тезата е извртена бидејќи единствена точка на која може да се вадат на моментот е пласирање дезинформации. Постои одлука според која софтверот е набавен. Одлуката е направена од единствениот што тоа можел да го направи“.
Ја објасни и третата теза за која рече: „Се пласира е дека не постои техничко исправен предаден софтвер. Таа теза повторно се наметнува, според мене, од некои мотиви, сѐ со цел во недостиг на аргументи да се дојде до оцрнување, да се дојде до пласирање дезинформации, правење некое јавно мислење дека тоа што е набавено е нефункционално. Таа теза е од сведочење на лице што во предметот е вешто лице, меѓутоа може да се обратите и до Владата, односно ќе видите и на самото рочиште презентирање на функционалностите на системот, дека е инсталиран на сервери од „Телеком“, и тоа многу порано од крајниот рок. Пак ќе кажам, не барам да ми верувате на збор“.
Рашковски најави и кривични пријави за ИТ-вештакот Мане Пиперески, кој рече дека софтверот не можел ниту да се вклучи, но и за вештакот Билјана Киселчки, која го работеше материјално-финансиското вештачење бидејќи, како што рече: „.. анализирала, а немала комплетна документација, пишувала претпоставки“.
Тестирање на софтверот ќе бара да се врши јавно.
„Дека сѐ е реализирано во согласност со законот, доказ е записникот за технички прием. Во него е наведено што се предава, кои се функционалностите и дека заедно со предавање на самиот софтвер се предава и изворниот код. Тоа е важен момент бидејќи изворниот код е развојна компонента на другите што ќе продолжат да го надградуваат. Затоа што знаете дека ако го немате изворниот код, ќе добиете нешто што не можете да го менувате. Оттука е нејасно и за нас како одбрана и тврдењето на Обвинителството дека не постои одлука за набавка на софтверот, дека не постои технички прием на софтвер, односно технички исправно софтверско решение. Третиот доказ што ви го давам е листата на докази од Обвинителството. Самото Обвинителство ги предава, тие што велат дека не постојат. Јас ќе ви ги доставам. Еве ги листата на докази, уверете се сами. Имате можност за комуникација со другата страна, односно Обвинителството, за да ги прашате дали ги предложиле овие докази од нивна страна. Дали постои одлука и дали е доставена, дали постои записник за примопредавање. И да прашате дали ние имаме предложено реконструкција на самиот случај“, изјави Рашковски.
Ексгенералниот секретар најави дека ќе бара од судот Владата да ја донесе целата набавена опрема во судницата за да се види дека постои. За Муахмед Зеќири, кој е наследник на функцијата генерален секретар по Рашковски, обвинетиот вели дека има доказ со кој може да се констатира дека е утврдено примопревање на софтверите.
„Мојот наследник вели не знаел, иако тоа се основни средства (софтверот, камерите, кабините) со кои треба да располага. Со сведокот од ИТ се утврди дека софтверот е инсталиран и постои во системот на Владата. Треба секој да се запознае со тоа што е основно средство. Четвртата точка е допис од наша страна како доказ бидејќи Обвинителството го има добиено, но го нема предложено во доказите. Тоа е дописот под арх. 45-3576/11, кој доказ, поради постапката, можам само наративно да ви го кажам дека со потврда од Мухамед Зеќири се вели дека примопредавање е извршено на софтверите и дека се инсталирани на сервери сопственост на Владата на РСМ. За да се утврди дали постојат софтверите, имало вонреден попис и утврдено е дека целокупната набавена опрема постои во Владата. Не само што ќе докажеме туку ќе бараме и од судот да наложи Владата да ја донесе опремата во судницата. Дека за сето ова не е предавање апстрактни вредности, апстрактни набавки, туку дека станува збор за нешто што е врв во технологијата, а кое уште кај нас не е стасано. Србија пред два месеца и два дена пушти ваков систем, кој е далеку далеку комплетно поинакво ниво на квалитет од она што ние го имаме како држава во сопственост“, додаде Рашковски.
Прашан како неговата сопруга Вероника Рашковска возела автомобил на фирма од која компаниите добитници на тендерите ги набавувале продуктите, тој рече дека нема ништо спорно.
„Компанијата што е наведена (ГБЦ) не е договорен одговор некаде, ниту некој од Владата има добивано средства. Затоа да не брзаме со оваа теза. Првично тезата дека некој возел некакво возило од 80 илјади евра не е точна. Фирмата, според нивното вештачење, со средствата што ги добивала не можела да купи возило. Возењето, пак ќе кажам, кој било од нас може да земе нечие возило. Тоа не е недозволено“, додаде Рашковски.
Тој додаде дека софтверот го набавил по претходна анализа.
„Секаде во светот кога почнувате да правите јавна набавка, правите анализа. Направена е анализа за да се утврди каде ние како држава сме моментно во однос на сообраќајните прекршоци. Како држава ние сме на дното во рамките на Зимбабве и Гана по бројот на луѓе што загинуваат во сообраќајни несреќи. Има студија во светски рамки за тоа како вакви софтвери придонесуваат. И вели дека бројот на починати лица со софтвер кој е далеку од ова што ние го имаме направено се намалува 50 отсто. Во просек 160 луѓе гинат во државата во сообраќајни несреќи. 50 отсто од 160 знаете што значи. Кажете дали не вреди… Софтверот треба да детектира вистински извршители на сообраќајни прекршоци наспроти евендитираните. Од анализите софтверот е неколкупати пуштен да прави анализи. На ‘Партизанска’ беше во октомври, регистрирани се 240 возила, од нив 120 направиле прекршоци“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Власта да покаже конструктивност заради работниците, да го поддржи Законот за 600 евра плата
Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека цените растат, синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, власта продолжува да се луксузира со авион, мебел, нови возила, кабинети и удобност за функционерите, велат од СДСМ.
„Ова е срамно и безобразно. Работниците се приморани да протестираат на улиците за поголеми плати, за достоинствен живот. Бараат минимална плата од 600 евра за да можат да ги прехранат своите семејства и да платат сметки. Законот на СДСМ за 600 евра минимална плата е на дневен ред во Собранието. Еве шанса власта да биде конструктивна, заради работниците. Дадовме предлог со конкретно решение, поддржете го. Пари има. Со ребаланс на буџетот, наместо авион, наместо мебел, нови коли, луксузни кабинети, патувања, репрезентации, тендери може да се пренаменат за 600 евра минимална плата. Доста е луксуз на власта, време е парите да се насочат кон работниците“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.

