Македонија
(Видео) Ружин: Касами и Села не се важни фактори за уставните промени, САД и Брисел ќе пресечат
Не може низ призмата на еден или друг политичар да ја врзуваме судбината на државата, тоа и ним им е јасно. Касами и Села не се најважни фактори во оваа ситуација, има позначајни влогови од нивните барања, тоа се Брисел и САД, вели Нано Ружин за „Макфакс“ по повод барањата на лидерите на Беса и „Алијансата за Албанците“ за воведување двојазничност на целата територија на Република Македонија и бришење на зборот „македонско“ од државјанството на граѓаните, а сѐ со цел да дадат поддршка за уставните измени што се ставени на утрешниот дневен ред во Собранието.
„Тоа се прашања за дневна политика. Она што сакаат да го направат Касами и Села е со воздушна пушка да срушат авион. Целта е да соберат што поголем број избирачи. Секогаш малите партии во слични ситуации се обидуваат да ќарат некој глас повеќе. Поголеми влогови се позициите на ЕУ и САД, кои се доста важни за албанските политички партии. Како фактори тие се оние што ќе ги решат сите овие дилеми. Очекувам позитивно разрешување, односно прифаќање на уставните амандмани, кои се условени со договорот од Преспа“, вели Ружин. Тој додава дека барањата на двајцата политичари се нешто што произлегува во последен момент и се резултат на пресметки во нивните политички средини, желби и влогови.
На барањата на Села и Касами имаше и негативна реакција од осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои по изгласувањето за потребата од уставни промени, дејствуваат во самостојна пратеничка група. Според универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, за осумте пратеници најважно е да се направи она што се бара од страна на Брисел и Вашингтон, а тоа е, како што вели, успешна имплементација на договорот од Преспа.
Во однос на позициите на опозициските партии во Грција и Македонија, Ружин вели дека грчката Неа демократија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, потајно сака преспанскиот договор да успее бидејќи има амбиции да дојде на власт, каде што нема да наиде на дополнителен товар – проблемот со името.
„Во Грција, Неа демократија, која е десница, настојува да покаже дека не го прифаќа договорот исто како што е случајот со ВМРО-ДПМНЕ. Но, од друга страна, таа се моли договорот да помине во грчкиот парламент бидејќи се надева дека ќе дојде на власт и кога ќе се случи тоа, сака да наследи што помалку тешки проблеми. И двете партии нема што да понудат. Ќе направат одлагање бидејќи ставовите на грчката опозицијата се такви што со ВМРО-ДПМНЕ никогаш не би се договориле“, вели Ружин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

