Македонија
(Видео) Спасовски со детали за акцијата во која беа уапсени полицајци и цариници
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција сподели детали во врска со истрагата, во која беа уапсени тројца службеници на МВР и петмина царинци.
Тој истакна дека акцијата била реализирана во подолг временски период од речиси 9 месеци по насока на јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење овластени службени лица во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Во текот на истрагата биле потврдени сомненијата дека лицата се инволвирани во набавка и продажба на наркотична дрога, пред сè, кокаин, но и марихуана, на лица заинтересирани купувачи на територијата на Куманово, но и на територијата на Скопје.
„По претходно добиени информации дека лицата опфатени во истрагата преземаат активности поврзани со шверцување и пренесување нелегална стока од територијата на нашата држава до територијата на Р. Косово преку зелениот појас на граничната линија, во пределот на граничниот премин Белановце, во соработка со надлежните служби од косовска страна на 2.11.2021, во близина на с. Жегра во Косово, е сопрено товарно возило комбе, во кое се пронајдени 190 кг разни видови медикаменти во вид на таблети. Истрагата за осомничените лица продолжи по што на 5.11.2021, по претходно добиени информации дека осомничените се подготвуваат да преземат активности на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’, при што лицата презеле пратка, како резултат на активностите на полициските службеници на МВР, во непосредна близина на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ запрено е товарно возило комбе, со кумановски регистарски ознаки, управувано од лице што е во роднинска врска со двајцата осомничени полициски службеници, а еден од полициските службеници опфатени во истрагата имал улога да биде чистач, односно да го обезбедува возилото со пратката во него. Под сомнение дека со комбето се пренесува стока преземена од Меѓународниот аеродром ‘Скопје’, поточно од карго-терминалот, за која осомничените немаат соодветна документација, од страна на полициски службеници надлежни за истрагата побарана е асистенција од Царинската управа, со цел проверка на стоката што лицата ја презеле од карго-терминалот“, изјави Спасовски.
Тој дополни дека дд страна на Царинската управа испратен е тим од царински службеници од Секторот за контрола и истраги, кои по доаѓање на самото место, не ги презеле потребните мерки во согласност со нивните законски надлежности со цел да извршат контрола на стоката, туку ги информирале полициските службеници дека од извршената контрола не се констатирани неправилности, односно сè е во ред со стоката, а царинските давачки се уредно платени. Тие, под изговор дека ќе ја однесат стоката на дополнителна проверка и физичка контрола во царински терминал на подрачјето на Куманово, со службено царинско возило, чистејќи го патот, го предводеле натовареното комбе до крајната дестинација – приватен имот во домот на еден од осомничените, каде што се чувала стоката. Кога царинските службеници од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа со стоката пристигнале во домот на осомничените лица, тие си заминале кон Скопје, а од страна на полициските службеници комбето е затекнато во двор од куќа на еден од осомничените и по претходно обезбедена наредба од судија на претходна постапка од Основниот суд Куманово, извршен е претрес во возилото и во куќата. При претресот било утврдено дека во возилото има 13 големи кутии, во кои вкупно има 1.555.600 таблети, без фабричко пакување и без упатство, од египетска фирма. Притоа, фактурата во согласност со декларацијата, според која станува збор за галантерија за мобилни телефони и компјутери, за која биле платени давачките од страна на шпедицијата, изнесува речиси 3.500 долари, но по извршена дополнителна процена од страна на Царинската управа, утврдено е дека станува збор за производи надвор од декларацијата – таблети „псевдоефедрин“, во проценета вредност од над 100.000 долари.
Од страна на полициски службеници на самото место бил повикан и инспектор на „Малмед“, со цел да се извршат проверки во однос на пронајдените таблети, при што е утврдено дека таблетите не се регистрирани во нашата држава, за нив нема одобрение за пуштање во промет, но ни дозвола за интервентен увоз за овие медикаменти, што значи дека тие се незаконски влезени и се нелегални за нашиот пазар. Тоа едноставно би значело дека самиот влез на овие таблети на нашиот пазар претставува кривично дело.
„Тоа се постапки што може да траат неколку дена, но и неколку месеци, па и години ако е потребно – сè со цел сите инволвирани да ги изнесеме пред лицето на правдата“, нагласи Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Жерновски: Портпаролката на Владата потврди дека Мицкоски управува со судовите
Денеска сакаме да отвориме една многу битна тема. Вчера се случи нешто што досега не е видено во Македонија, тоа е да претставник на владата и тоа портпарол со скандалозно признание фактички потврди она што СДСМ цело време го кажува, а тоа е дека судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според него, Марија Митева вчера на телевизиска дебата кажала дека Мицкоски го контролира судството.
„Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто сеуште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата на нашата држава којашто ги има податоците не само за предметот, туку каков е и текот на самиот процес. Ова се зборовите. ‘Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска’, односно ‘моите информации’, ја цитирам портпаролката, ‘говорат декави е изгубена жалбата’“, рече Жерновски.
Според него, тоа значи дека владата на Мицкоски има информации од судот за самиот процес.
„Ова всушност значи дека процесиците во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал“, рече Жерновски.
Тој кажа дека очекува понатамошна истрага за тоа кој судија или кој од владата ги има овие информации. Даваме нон-стоп примери за тоа што се случува со судството.
Жерновски вели дека сега е исто како во времето на Груевски.
„Исто како во времето на оној на којшто морам да му го споменам името и на којшто режим повторно почна да не потсетуваат овие денови. Тоа е режимот на Груевски. Затоа и авионот нонстоп оди до Будимпешта кај Груевски. Не е битно кој е пилотот. Битно е што контролорот на летање на владиниот авион е Никола Груевски. Така да од сега кога ќе слушнете Груевски како вели она на М веќе не мисли ниту на Мерцедес ниту на Мајбах. Денеска она на М е Мицкоски“, рече тој.
Македонија
Стаменкоска – Трајкоска даде отчет за сработеното во првите 100 дена од мандатот
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска, денес го презентираше отчетот за сработеното во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Под слоганот „100 дена, 100 дела“, таа истакна дека општината работи со несмалено темпо, ставајќи го фокусот на резултатите.
„Со реализирани 5 километри нов асфалт, со отворено ново кино и интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силната поддршка од Владата. Тоа се заеднички инвестиции со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Како потврда на оваа динамика, градоначалничката посочи дека развојот се мери со видливи чекори и дека се реконструирани клучни сообраќајници, меѓу кои „Ѓорѓи Димитров“, „527“, а при крај се и зафатите на улиците „Жил Верн“ и „Саса“ со нејзините краци.
Паралелно, додаде таа, се гради фекална канализација во Бабин Дол, а во завршна фаза е изградбата на атмосферска мрежа на ул. „Томе Арсовски“. Во моментот трае изградбата на два паркинга, како и на две од предвидените 10 детски катчиња, едното во село Драчево, другото во Дупки.
Градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска посочи дека Кисела Вода воведе нови стандарди во комуналната хигиена.
„За првпат, поставени се 15 специјализирани контејнери за селекција на текстилен отпад пред месните заедници, а во фаза на изработка се уште 15 за пред училиштата. Првиот тон текстилен отпад е веќе складиран. Во рамки на бројните еколошките акции, исчистени се 27 диви депонии, а преку договорената соработка со ЈП Национални шуми, најавено е засадување на 3.000 нови садници“, рече таа.
Во делот на општествениот живот, како историски успех Стаменкоска – Трајкоска го издвои отворањето на кино во село Драчево, прво кино во село после времето на Југославија.
За најмладите, рече таа, приоритет останува целосното укинување на листите на чекање во градинките.
„На прагот сме да отвориме две нови градинки во „11 Октомври Згради“ и „Подстаница“, а во полн ек е изградбата на објектот во „Расадник““, информираше градоначалничката.
Истовремено, додаде Стаменкоска – Трајкоска со владина поддршка се вршат доградби во училиштата „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и изградба на ново училиште во селото Драчево. Се инвеестира и во спортската инфраструктура преку изградба на сали во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Јосифовски Питу“, како и во целосната реконструкција на култната сала „Расадник“ преку соработката на Министерството за спорт и општината.
„Покрај изградбата на спортски сали, силен акцент ставивме на едукацијата и инклузијата: наставниците по физичко поминаа специјализирани обуки за работа со деца со попреченост. Дополнително, обезбедивме бесплатни часови по шах за младите, а со оглед на тоа што шахот е воведен како изборен предмет, спроведовме и соодветна стручна обука за наставниот кадар. За прв пат ја воведовме манифестацијата Спортист на годината која планираме да прерасне во традиција“, посочи градоначалниката.
Во делот на социјалната заштита и грижата за најранливите, општината ја прошири мрежата за поддршка со отворање на нов Центар за бесплатни логопедско-дефектолошки третмани во Драчево. Истовремено, во завршна фаза е едукативно-терапевтскиот центар во Црниче, кој ќе биде од клучно значење за децата со дислексија, дисграфија и дискалкулија.
„Ова е само почеток на една амбициозна приказна. Нашата крајна цел е целосна реализација на ветената програма. Ова беа само 100 дена. Ова се само 100 дела од бројните кои следат. Продолжуваме понатаму, заедно. Кисела Вода продолжува да биде општина што работи за вас“, порача градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Во текот на ноќта и утре, врнежи од дожд и снег на планините
Под влијание на циклонска активност, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места , а на планините од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.

