Македонија
(Видео) Стојаноски: Зарем кашкавалот, цвеклото и лутеницата се луксузни производи- го зголемуваат данокот за да земат што повеќе пари и да ги поделат на своите фирми
Владата предводена од ДУИ и СДСМ нема намера да се откаже од покачувањето на ДДВ за илјадници прехранбени производи. За потсетување, министрите пред речиси 2 недели одлучија двојно да се зголеми данокот за кашкавалот, урдата, цвеклото, лутеницата, фефероните, сладоледот, чајот и за други производи од секојдневието на секој од нас. Ова ли се тие луксузни производи?, праша на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот, вели тој, ги навредува граѓаните велејќи им дека шират паника наместо да се радуваат што данокот бил повластени 10, а не 18 %.
„Каква навреда за интелигенцијата на народот. Не постои друга држава во Европа, а веројатно и во светот, што во време на ваква инфлација се одлучува дополнително да ги покачи цените на прехранбените производи со цел да прибере повеќе данок. Даночната реформа на СДСМ и ДУИ е, всушност, арач за граѓаните и стопанството.
Власта на ДУИ и СДСМ зголемува даночен товар за да земе што повеќе пари за да може да им ги поделат на своите фирми. Со вашите пари ќе се платат тендерите за ископ на јаглен, со вашите пари ќе работат подизведувачи на автопат за кој нема проект, со вашите пари ќе се организираат настани организирани од ‘Еуровија’, со вашите пари ќе се плати за учебниците што доцнат, а ги печати ‘Арберија дизајн’, со вашите пари ‘Пиксел’ ќе инсталира фотоволтаици и безброј други примери на сомнителни и коруптивни зделки во секој сегмент.
Во следните неколку месеци со оваа власт ќе биде тешко, ќе прават притисоци, ќе крадат, ќе корумпираат, ќе зголемуваат давачки, ќе се луксузираат, ќе бидат арогантни, ќе амнестираат.
Се чуствуваат промените, а тоа го знаат и на ‘Илинденска’ број 2“, вели Стојаноски.
Според него, преостануваат уште неколку месеци до падот на оваа власт, тие се исплашени, се одмаздуваат на секој начин затоа што никој не им верува, им се стеснува кругот и доаѓа денот кога ќе се соочат со гласот на народот.
„Важно е да издржиме сите заедно против таа мала група неспособни клептомани. Важно е листата на прехранбени производи со 10 % ДДВ веднаш да биде коригирана“, додава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

