Македонија
(Видео) Џафери тврди дека не го прекршил Деловникот на седницата за менување на Уставот
Собранискиот спикер Талат Џафери тврди дека не го прекршил Деловникот со тоа што не дозволи гласање на седницата за уставни измени. Тој рече дека не се цитираат членови од Деловникот до крај, а кои се однесуваат на процедурата, сè со цел да се прикаже поинаква слика. Според него, нема никаков проблем во водењето на седницата.
„Чувството за одговорност кон граѓаните е поводот за оваа прес-конференција, а не да им враќам на оние што ги знаат овие процедури. Тенденцијата за погрешно информирање ме наведе да се објаснувам пред граѓаните. Седницата беше свикана за 18 август, според глава 5 од Деловникот. Таму се регулираат свикувањето, текот на седницата и сите чекори. Врз основа на тие постапки почната е седницата, усвоен е дневниот ред, отворен е претрес, одржан е претресот и завршен е претресот со констатација дека тој е завршен, како и дека ја прекинувам седницата, а за продолжението пратениците дополнително ќе бидат известени. Ова произлегува од член 81 од Деловникот, кој сакам целосно да го цитирам, а не делумно како што тоа го прават во јавните настапи: ‘Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема мнозинство и во други случаи кога тоа е неопходно’. Ова е ставот врз основа на која е прекината седницата“, рече Џафери.
Потоа цитира друга одредба, според која, времето на продолжување на седницата може да го одреди сам тој бидејќи тоа му го овозможува Деловникот.
„Јас констатирав дека претресот е завршен. Тоа е врз основа на член 81 од Деловникот. А дека пратениците знаат по кој основ се прекинува седницата, доказ е фактот што пред говорот на Јован Митревски на процедурално се укажува на наводно можна злоупотреба на Деловникот со прекинување на дебатата. Од каде знаеле дека прекинува? Тоа значи дека по координациите, јас како претседател на Собранието не се спуштам само на седница, туку имаат сознанија како ќе тече седницата“, додаде Џафери.
Тој ја цитира процедуралната реакција на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од друга страна, кога веќе се зборува за злоупотреба, нека се преиспитаат сите тие што до денес три години од овој мандат, има незавршени седници во Собранието бидејќи во роковите пропишани во Деловникот не се одржуваат комисиски седници за да се завршат пленарните“, додаде Џафери.
Претходно, имаше обвинување од Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.