Македонија
Владата: Соработката со невладиниот сектор ќе придонесе во зајакнување на капацитетите во борбата со корупцијата
Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше работна средба со Здружението на жените од безбедносниот сектор „Уни-форм“. Преку дискусијата беше нагласено дека зајакнувањето на капацитетите во борбата против корупцијата ќе се овозможи и преку вклучување на невладиниот сектор во активностите, со што ќе се интензивира европската интеграција, а притоа ќе се влијае и на подобрувањето на животот на граѓаните.
Вицепремиерката Грковска информира за досегашните активности и резултатите што се постигнати, но ги изнесе и претстојните планови на Кабинетот за политики за добро владеење, кои се фокусирани на три столба, креирање антикорупциски политики, дигитална трансформација на општеството, како и професионални, отчетни, одговорни и ефикасни институции.
Потврдувајќи ги владините заложби за интеграција на младите во општеството, таа нагласи дека оваа година во фокусот е младата популација, односно промоција на нивниот интегритет и искористување на нивните знаења во процесот на промени.
Со оглед дека борбата против корупцијата на патот кон ЕУ стана владин врвен приоритет, а заштитата на демократските процеси е заедничка обврска, на состанокот беше потврдена потребата од вклучување на сите граѓани во креирањето одговорно општество за да се унапреди владеењето на правото, еднаквоста пред законите да стане правило и доследно да се спроведат принципите на доброто владеење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Каевски од голтар до милионер, фатен како прави милионски проневери како директор на Агенцијата за млади и спорт, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Каевски од голтар до милионер, фатен како прави милионски проневери како директор на Агенцијата за млади и спорт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дарко Каевски како директор на Агенцијата за млади и спорт заобиколувајќи ги законските процедури извршил распределба на пари преку така наречените ваучери до клубови и федерации, кои одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Каевски е фатен на дело, и веќе на сите им е јасно зошто излегувал и ширел лаги и манипулации во јавноста.
„Тоа се кадрите на СДС, како Дарко Каевски, вмешани во криминал и корупција. Време е Македонија да се ослободи од криминалците како Каевски. Време е да ја вратиме Македонија на народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Нестабилно време со пороен дожд, грмежи и ветер
Времето ќе биде променливо облачно, од пладневните часови на повеќе места нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта, соопшти УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 Целзиусови степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени.
Скопје
Без струја дел од корисниците на Волково и Кучково
Дел од корисниците на Волково и Кучково во Општина Ѓорче Петров од 7 до 16 часот ќе немаат електрична енергија.
Како што информира Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, прекинот на струја е поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа.