Македонија
Владата ја усвои преговарачката структура за преговорите со Европската Унија
Владата одржа тематска едница, на која покрај премиерот Димитар Ковачевски и членовите на Владата, присуствуваше и се обрати и шефот на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. Дејвид Гир.
На седницата премиерот Ковачевски се заблагодари на сите членови за досегашните заложби и трудот вложен во евроинтегративниот пат на Северна Македонија. Од особено значење за натамошно дефинирање на активностите кои ќе следат беше усвојувањето на ревидирана структура за преговори за пристапување на Македонија во Европската Унија, која го дава координативниот механизам за одвивање на преговорите со Унијата.
Информацијата со предлог за ревизија на координативниот механизам на Македонија за пристапни преговори со Европската Унија и одлуката за воспоставување структура за преговорите беше едногласно усвоена од членовите на Владата.
Новата усвоена структура за преговори ја сочинуваат:
1. главен преговарач за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, кој ја врши заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и
2. заменик на главниот преговарач, која ја врши државниот секретар за европски прашања, кој е воедно и претседавач на комитетот за стабилизација и асоцијација, Дрита Абдиу Халили.
Остануваат телата предвидени во 2019 година и тоа:
Комитетот за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија претседаван од претседателот на Владата како највисоко политичко тело на Владата за координација на пристапните преговори,
Државната делегација за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, која ќе ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи,
Групата за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија како стручно тело,
Работниот комитет за европска интеграција,
Работни групи за пристапни преговори како помошни тела на Работниот комитет.
Единствен секретаријат на преговарачкиот процес е Секретаријатот за европски прашања (СЕП), со оглед на тоа што надлежностите и улогата на СЕП вклучително и за координација на целокупниот процес на пристапни преговори е регулирана во Законот за Владата.
Дополнително, СЕП се задолжува да биде и депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори како и да има координатор во сите работни групи надлежен за методолошките и процесните аспекти и координација со останатите тела на структурата за преговори. Воедно, СЕП презема надлежност и во подготовката на потребните правни акти со кои ќе се дефинираат процедурите на работење на телата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.