Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Се вработува сопругот да ја вработи сопругата – Обвинителството се дуизира и фамијализира
Се вработува сопругот, да ја вработи сопругата – Обвинителството се дуизира и фамијализира, Ислам Абази, шеф на ЈО, сопругата ја вработува како обвинител, ова го има само во Македонија под власт на ДУИ, поддржани од СДС, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Ислам Абази, кој на сомнителен начин стана шеф на ЈО, сега на ист начин ќе се вработи и неговата сопругата како обвинител, додека тој е шеф. Во ниедна друга демократска држава во Европа или на друго место во светот сопругот, кој е избран на позицијата шеф на ЈО, не ја вработува сопствената сопруга во институцијата со која тој раководи.
Се отвора прашањето дали Абази стана шеф на ЈО за да може и неговата сопруга да стане обвинител, но и други кадри блиски до ДУИ и СДС? Како може граѓаните да чекаат правда кога судството и Обвинителството се испреплетени од фамилијарно партиски вработени, кои ѝ се лојални на партијата, а не на државата?
Заради фамилијаризацијата на судството и Обвинителството граѓаните немаат доверба во правосудниот систем. Потребни е коренити промени, а тие се можни само со промена на власта“, порачаа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Новаци
Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Новаци е нормализиран, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Лефков: Георгиев и Мемети се дел од правосуден октопод, кои, наместо да гонат криминал, се занимавале со криминал
Апсењето на врховниот судија Наке Георгиев за земање мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска.
Судијата, кој целата своја судиска кариера и унапредување ги добива во време на владеењето на СДС, вчера беше фатен на дело како зел поткуп во замена за олеснителни околности во постапката што се води против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, истакна на прес-конференција Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Георгиев, како што појасни Лефков, станал судија во 1997, па бил избран за судија во Апелациониот суд во 2004, па врховен судија во 2020 година, а потоа беше контроверзно избран и за член на Судскиот совет, па потоа уште поконтроверзно се повлече за да може син му да биде избран за судија во Кривичниот суд.
„Неговото апсење го покажа целиот сјај на бедата во која СДС и ДУИ го доведоа правосудството во Македонија.
Наместо правдата, владееле криминалот и корупцијата, а ликови како Георгиев, наместо да се борат против престапниците, самите го прекршувале законот за имотна корист“, додаде тој.
„Но тоа не е сè. Да биде срамна сликата за македонското правосудство целосна, постои основан сомнеж дека и јавен обвинител бил дел од оваа афера.
Имено, извршен е претрес и во домот на членот на Советот на обвинителите, Иџет Мемети, и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители по основано сомнение дека тој заедно со Наке Георгиев ја злоупотребил својата позиција и барал мито за истиот случај како и врховниот судија во замена за олеснителни околности во судската постапка.
И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзува со претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавните обвинители.
Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда, која тргува со правдата и која наместо по словото на законот, работи по словото на парите“, потенцира Лефков.
Повика надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други бидејќи, како што рече, оценуваат дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипалата се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациски судови и обвинителства, па сè до високи политички позиции на власта на СДС и ДУи во заминување.
„Без правна држава, нема Европска Унија. Без владеење на правото, нема ниту напредок ниту подобар живот во Македонија.
Со корупцијата мора да има силна и одлучна борба и никој не смее да биде заштитен или амнестиран.
Доаѓа времето на одговорност“, дециден е Лефков.
Македонија
Тошковски во посета на Секторот за компјутерски криминал и Одделот за прекршоци: во фокусот задржување на постојниот и привлекување нов кадар
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес, оствари работни посети во Секторот за компјутерски криминал и Одделот за прекршоци, каде што одржа работни состаноци со раководствата на овие организациски единици на Министерството.
Секторот за компјутерски криминал има специфичен делокруг на работа и постапува по неколку кривични дела, како што се загрозување на сигурноста по пат на информатички систем, злоупотреба на лични податоци, прикажување порнографски материјал на малолетник, производство и дистрибуција на детска порнографија, намамување за обљуба или друго полово дејство на малолетник кој не наполнил 14 години и други.
„Имајќи ги предвид квалификациите што се потребни за кадарот што работи во овој сектор и конкуренцијата на пазарот на труд, потребно е најбргу што може да се преземат соодветни мерки, со цел задржување на постојниот и привлекување нов кадар во овој дел.
Во однос на Одделот за прекршоци, исто така има недостиг на соодветен кадар, кој треба да исполнува посебни услови во согласност со Законот за прекршоците за ефикасно извршување на големиот обем на работа што го имаат. Во иднина треба да се размислува за олеснување на процедурите во делот на прекрошочната постапка, дигитализација и користење на бенефитите што ги нудат современите софтверски решенија“, истакна Тошковски.