Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за намалување на акцизата за горивата
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, денес до Собранието ќе достави два исклучително битни предлог-закона, соопшти Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со првиот предлог-закон бараме намалување на акцизата за горивата за моторни возилата за 50 %, со што значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и транспортните компании. Со ова цената на бензинот веднаш ќе се намали 13 денари, а цената на дизел-горивото 9,5 денари.
Со вториот предлог-закон бараме до 31 декември 2022 година данокот на додадена вредност за производите за човечка исхрана и за топлинската енергија, т.е. парното, да бидат со 0 %. Дополнително, бараме и ДДВ за електричната енергија да биде 5 % и во остатокот од 2022 година, а не само до 1 јули, по што е предвидено покачување на ДДВ на 10 %.
Тој потсети дека вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика најави ново зголемување на цената на горивата. Со што, како што рече, зголемувањата се огромни, надминуваат и 30 % од пред две години.
„Пред точно две години, на 2 март, цената за литар бензин изнесуваше 64 денари, а за литар дизел-гориво 56 денари. Во овој момент без најавеното покачување цената за литар бензин изнесува 82,5 денара, а за литар дизел-гориво 74 денари. Со оглед дека власта не размислува во интерес на граѓаните, ние како пратеничка група сметаме дека државата мора да се откаже од 50 % од акцизата во овој критичен период во кој има нарушување на светскиот пазар на енергентите“. Владата размислува со мотото „сиромашните немаат пари за да возат“ и не сфаќаат дека повисоките цени на горивата ги засегаат сите, без разлика на имотната состојба на граѓаните. Производите што се носат во маркетите се превезуваат со камиони што возат на дизел-гориво, меѓуградскиот превоз, кој поскапе 20-ина отсто изминатиов период, истот ака вози на дизел-гориво, а за жал, власта е слепа и не презема ништо. За потсетување, власта неколкупати досега ја зголемуваше акцизата и сѐ уште има предлог во собраниска процедура за зголемување на давачките за дополнителни 4 денари за литар гориво“, рече Стојаноски.
Покрај намалувањето на акцизите, од ВМРО-ДПМНЕ бараат и дополнително намалување на финансискиот товар на граѓаните преку целосно намалување на ДДВ за прехранбени производи од 5 на 0 %.
„Сведоци сме дека во изминатиот период цените на основните прехранбени продукти драстично пораснаа, па така, според последното соопштение на Државниот завод за статистика во јануари 2022 година наспроти истиот месец претходната година, лебот поскапе 10,6 %, месото 6,4 %, млекото, сирењето и јајцата 7,2 %, маслата 26 %, овошјето 11,3 %, зеленчукот 14,8 % итн. Долга е листата на поскапувања“, додаде Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

