Македонија
(Видео) Внукот на Ахмети објасни како ја купил „Соравија“: Дознавме дека има долг што не може да го врати, па ја купивме
Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, чија фирма е нов сопственик на деловниот центар „Соравија“, пред јавноста објаснуваше како дошло до идејата да се купи имотот во центарот на Скопје. Тој објасни дека дознал за долговите што ги има деловниот центар, а не може да ги врати, по што стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Имало разговори и анализи и тогаш Дрин Ахмети решил со фирмите да го купи бизнис-центарот, но да ги исплати и долговите.
„Ние почнавме од минатата година од април кога испративме писмо да имаме пристап до сите важни финансиски податоци за сите компании што имаат удел во ‘Соравија’. Баравме информации за да ги анализираме податоците и дојдовме до сознанија дека имаат голем долг, кој не може да го вратат. Го видовме ова како можност да направиме нешто. По разговорите, решивме да гледаме на ова како можност, одлучивме да одиме на средба во Виена, кај господинот Соравија. Таму јас ја претставив мојата компанија, мојот конзорциум. Дискутиравме за можноста како да најдеме договор во врска со имотот“, изјави Ахмети.
Бизнисменот посочи дека австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија, кој остана со 10 проценти удели во бизнис-центарот, сакал партнери во бизнисот. Дрин Ахмети со фирмите нашол кредитна линија за да се платат долговите.
„Хано Соравија ги поздрави дискусиите. Гледаше дека има хемија меѓу нас и сакаше еден конкретен предлог во врска со ситуацијата. И тој сакаше да има мал удел во компанијата што досега ја имаше. Ние дискутиравме од октомври минатата година до мај оваа година кога потпишавме договор. Во договорот, кој е постигнат во врска со финансиите, од наша страна учеството беше најдено преку банка во Албанија, каде што партнерот има свој удел. Уплативме 51 процент за ‘Соравија’“, додаде Ахмети.
„Соравија инвест“ има долг кон банки со износ од 20 милиони евра. Засега не даваат пари од свои џеб, туку со кредит вратиле мал дел од долгот. Потоа, зависно од тоа како ќе тече работата, ќе го враќаат и остатокот од долгот.
„Ова е вистинската приказна за компанијата. Ние имаме повеќе од 20 милиони евра обврски. Го презедовме долгот на ‘Соравија’ како одговорност. За плаќањето на долгот на ‘Соравија’ имаме земено кредитна линија 6 милиони евра, од кои три милиони се одобрени. Ова сè е направено за иднината на ‘Соравија’“, рече Дрин Ахмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: ДУИ оди во опозиција, бојкотот не им успеа, цензусот е исполнет
Повикот на ДУИ за бојкот не успеа, а денот ги извади на виделина игрите на власта. ДУИ посакува криза и преку бојкот сакаше да се факторизира. ДУИ изгуби, бојкотот не им е успешен, извесно е дека одат во опозиција, изјави Тимчо Муцунски, на првата прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ по гласањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
„Пропадна сценариото да се создаде криза во државата, се радуваме што е постигнат цензусот, извесно е дека Давкова е новиот претседател. Очекуваме уште подобар резултат од првриот круг, и уште вечерва да биде јасна сликата како ќе изгледа идната Влада на Република Македонија. Очекуваме да имаме резултат што ќе го отслика опозициското расположение во државата“, рече Муцунски додавајќи дека ДУИ е дел од криминална власт што станува минато.
Како што рече, народот излегол за да си ја врати Македонија, односно контролата врз системот бидејќи државата наместо на елитите треба да му припаѓа на народот.
ВМРО-ДПМНЕ оцени дека дека изборниот ден генерално поминал мирно, со поединечни нерегуларности. Муцунски објави дека неколку функционери биле фатени во илегални активности со поткуп и ги повика интитуциите да истражат и да го испитаат потеклото на парите.
Македонија
(Видео) Кузеска за скриениот бојкот во некои општини: Како настапи секоја партија на изборите, треба да одговори пред себе и пред граѓаните
Денеска имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски, како што доликува на земја членка на НАТО со почнати преговори за Европската унија. Констатирани се одредени неправилности, но сметаме дека се тие со незначителни во овој изборен процес, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки во демократијата, додаде Кузеска.
Таа упати благодарност до граѓаните кои денеска гласаа, а изборите ги оцени како слободни, мирни, демократски и достоинствени.
Кузеска кажа дека граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму.
Прашана како го коментира скриениот бојкот во општините каде што има доминантно албанско население, портпаролката на СДСМ кажа дека како настапила секоја партија на овие избори треба да одговори пред граѓаните и пред себе.
„СДСМ од самиот почеток повикуваа на масовност, граѓаните да го искористат својот глас. СДСМ никогаш не бил кочничар на било кои процеси кои ја носат државата напред“, рече Кузеска.
Македонија
(Видео) Џафери не го поддржа бојкотот на Артан Груби: Граѓаните ќе одлучат која политичка опција е најдобра за нив и за државата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го оствари своето гласачко право во родното Форино и гласаше на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.
Премиерот Џафери, во изјава за медиумите посака мирен и фер изборен ден, во кој граѓаните ќе можат со својот глас да одлучат кој ќе ги носи одлуките што се суштествени за земјата и кои се за остварување на нашите стратегиски цели.
„Очекувам изборите да бидат слободни и демократски. Граѓаните можат слободно да ја изразат својата волја, впрочем, тоа го покажаа и на 24 април. Очекувам денот да заврши исто како и на 24 април, односно мирно, со можност секој граѓанин да го искористи своето уставно право и да го направи изборот за кој што мисли дека е најдобар за него и за државата“, изјави претседателот на Владата, Џафери.