Македонија
Во март 2025 година минималната пензија ќе биде 18.192 денара, за дваесет години – петпати се зголемил трошокот на државата за пензиите
Парите со кои државата го помага исплаќањето на пензиите за две децении петкратно се зголемиле. „Макфакс“ направи анализа на трошоците направени од државниот буџет со трансферите кон Фондот за пензиско осигурување од 2004 година до денес. Цели дваесет години расте сумата што државата ја префрла оти собраните средства од уплатите за пензиско осигурување од вработените не се доволни да го покријат трошокот.
Во 2004 година државата го помогнала Фондот со 8,4 милијарди денари. Годинава, оваа сума, според официјалните податоци на Министерството за социјална политика, демографија и млади, се искачи на историско највисоко ниво, односно државата ќе ја помогне исплатата на пензиите со 42,7 милијарди денари.

Исклучок од континуираниот раст на трансферот кон Фондот за пензиско осигурување од централниот буџет се 2019 и 2020 година кога се бележи мало намалување на процентот на префрлени средства, што се должи на зголемувањето на придонесот за пензиско осигурување. Двете години придонесот беше зголемуван 0,4 отсто и достигна до 18,8 отсто. Токму поради ова намалување, иако незначително, експертите предупредија дека покачувањето на пензиите води кон зголемување на старосната граница за пензионирање и кон зголемување на придонесот за пензиско што го одвојуваат работодавците за секој вработен. Фондот, место да се доближува кон финансиска независност, со новите трошоци се оддалечува.
Поранешната директорка на Фондот за пензиско осигурување, Билјана Јовановска, вели дека државата законски е обврзана да го помага Фондот до 2035 година поради реформата направена во 2003 година.
„Трансферот на средства од централниот буџет кон Фондот на ПИОМ е предвиден и планиран уште со воведувањето двостолбен пензиски систем во 2003 година кога државата се обврзала да го дополнува буџетот на Фондот зашто 6 % од пензискиот придонес Фондот на ПИОМ им ги префрла на приватните фондови, а тие сè уште немаат обврска да исплаќаат пензии, односно само државниот фонд врши исплата на пензии“, вели Јовановска.

Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, за „Макфакс“ објасни дека линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари, кое треба да се реализира следниот месец, ја зголемило сумата што од буџетот се префрла на Фондот за пензиско осигурување, но пари се обезбедени до крајот на годината. Трошокот на државата за линеарното покачување на пензиите до крајот на 2024 година изнесува 2,5 милијарди денари, обезбедени со кратења од проекти во кои немало соодветна динамика и биле помалку приоритетни. Министерката Димитриевска-Кочоска најави дека средства за уште едно линеарно покачување на пензиите од 2.500 денари ќе се обезбедат со следниот буџет и тоа воопшто нема да ѝ претставува проблем оти целиот буџет ќе го планира нејзиниот тим, кој нема да предвиди непродуктивни трошења на државните пари.
Со второто линеарно покачување на пензиите, кое треба да биде во март, минималната пензија, според најавите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, ќе се искачи на 18.000 денари. Во јуни годинава, според последните податоци од Фондот за пензиско осигурување, вкупниот број на корисници на пензија во државата е 341.146. Минималната пензија во последните шест месеци изнесува 13.192 денара, а максималната е 80.280 денари.
Повеќе од половина пензионери, односно 209.793, добиле пензија од 13.192 до 22.500 денари. 88.211 пензионери добиле пензии од 22.500 до 36.014 денари, а над оваа сума добиле 43.142 пензионери.
Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија го поздравува покачувањето на пензиите и смета дека е очекувано, но искажува и загриженост за финансиската стабилност на Фондот за пензиско осигурувања.

„Секое усогласување на пензиите е добредојдено за пензионерите, но ние мора да внимаваме и на финансиската одржливост на Фондот за пензиско осигурување, кој треба да овозможи редовна исплата на пензиите. Покачувањето на пензиите од 2.500 денари сега и 2.500 денари в година е сериозно оптоварување. Очекуваме од надлежните институции да објаснат како финансиски ќе се обезбеди редовната исплата на пензиите, да се дефинира карактерот на покачувањето, сега е линеарно, но како ќе биде во иднина и, се разбира, да се донесат неопходните законски измени, кои ќе ја овозможат исплатата“, вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Таа нагласи дека за линеарното покачување Сојузот воопшто не бил консултиран ниту, пак, прашан за предлози и мислење.
Линеарното покачување на пензиите е дел од програмата на Владата во рамките на подобрувањето на стандардот на пензионерите. Во делот „Посветена грижа за пензионерите“ е наведено зголемувањето на пензиите за 5.000 денари во првата година од мандатот.
„Во таа насока веќе во септември пензионерите ќе добијат покачени пензии, со што минималната пензија, која во моментот е 13.192 денара, ќе изнесува 15.692 денара, а со покачувањето во март ќе изнесува 18.192 денара“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Министерството работи и на воведување нов систем за пензии. Наместо актуелниот систем со девет групи на минимална пензија, работат на воведување единствен износ на минимална пензија.
Растечкиот проблем на депопулација, предизвикана од долготрајниот негативен природен прираст, како и растечкиот број млади и образовани луѓе, кои одлучуваат да ја напуштат Македонија, Владата најавува дека институционално и програмски ќе го решава.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади како ресорно министерство упати до Владата поставување нов приоритет – утврдување долгорочна стратешка рамка и политики за демографска обнова, со кои ќе се настојува да се задржи постојното ниво на население, значително да се зголеми неговиот потенцијал и да се обезбеди подобар квалитет на живеење на младите. Притоа поставени се следниве приоритетни цели: унапредување на системот и политиките на заштита на децата и семејството, предучилишно воспитание и образование, намалување на детската сиромаштија, обезбедување загарантиран паричен надомест за социјално ранливи категории семејства, подобрување на младинската инфраструктура, младинско организирање и учество на младите во креирањето на политиките“, велат од Министерството за социјална политика.
Демографската слика на државата најавуваат дека ќе ја подобруваат со поттикнување на наталитетот, намалување и забавување на иселувањето, но и поттикнување повратни миграции преку механизам за нивна поддршка.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

