Македонија
Врсничкото насилство вирее на улиците низ државата, за еден ден четири случаи за натепани малолетници
Четири одделни случаи на врсничко насилство се пријавени во полицијата за еден ден.
Имено, доцна синоќа Д.А.(67) од Куманово пријавил дека неговиот малолетен внук бил физички нападнат од страна на дете.
Напад имало и во селото Василево, пришто покрај нападнат малолетник настрадало уште едно лице, а напаѓачот употребил и тврд предмет, велат од полицијата.
Инцидент имало и во јавниот превоз. Според информациите од МВР, во автобус на ЈСП, на подрачјето на Бит Пазар било нападнато дете, а зад насилството, и во овој случај, стојат врсници.
Вознемирувачки настан е забележан и во Градскиот парк, Скопје, кај „Школка“, за кој што алармирала мајката на момче кое било натепано на оваа локација.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Во изминатиот период, полицијата известува за низа случаи на пресметки меѓу малолетници, но и други сериозни дела. Еден од низата, кој ја вознемири македонската јавноста е вчерашниот кога малолетно момче беше силувано од страна на негови врсници. Насилниците со родителите биле повикани во станица, а случајот е во рацете на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 13 часот за претседател гласале 302.158, на парламентарни 312.070 граѓани
До 13 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за Претседателските избори од 2472 избирачки места. Од вкупно запишани 1.261.526 гласачи на овие избирачки места, гласале 302.158 односно 23.95 %.
Најголема излезеност во моментов, за Претседателските избори има во Крива Паланка, со 46.44 %. Најмалата излезеност за претседателските избори е во Липково, со 3.28 %.
Споредбено со вториот куг од Претседателските избори во 2019 година имаме зголемување на излезеноста од 3.49% на овие избори. Додека споредбено со првиот круг од Претседателските избори 2024 имаме намалување од 0.7%.
До 13 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за Парламентарните избори од 2348 избирачки места. Од вкупно запишани 1.207.922 гласачи на овие избирачки места, гласале 312.070 односно 25.84%.
Најголема излезеност во моментов, за парламентарните избори има во Кривогаштани, со 48.65 %. Најмалата излезеност за парламентарните избори е во Маврово и Ростуше, со 11.91 %.
Споредбено со Парламентарните избори во 2020 година имаме зголемување на излезеноста од 2.03 % на овие избори.
Излезеноста по изборни единици за парламентарните избори е следна:
Изборна единица 1 31.18 %
Изборна единица 2 23.91 %
Изборна единица 3 29.18 %
Изборна единица 4 26.40 %
Изборна единица 5 25.04 %
Изборна Единица 6 16.71 %
До овој момент до ДИК се доставени вкупно 313 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 105 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 9 приговори се отфрлени како неуредни, а 40 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.
Овој изборен ден го набљудуваат 1303 домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари.
Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 44, на кој заинтересираните граѓани можат да постават прашање или да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Исто така активна е и видео кол линијата на број 076 488 360 преку која граѓаните со оштетен слух и говор ќе можат во текот на изборниот ден преку видео повик да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на знаковен јазик.
Македонија
Засега мирен изборен ден и за обвинителствата, Бајрами чека кривични пријави по сомнежите за изборен поткуп во Охрид и Крива Паланка
Во согласност со информациите добиени од јавните обвинителства во целата држава, денешниот изборен ден, на кој се гласа на парламентарните и на вториот круг од изборите за претседател, до овој момент, генерално, поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, рече Џељаљ Бајрами, претседател на Комсијата на Обвинителството за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите. Од почетокот на гласањето утрово до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места, а кои би имале елементи на кривично дело.
„Во текот на вчерашниот ден веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес, со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција, беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција, кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време ОЈО Велес веќе презема дејства за проверка на наводите што се однесуваат на изборен поткуп. Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи беа примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејства на проверки“, вели обвинителот Бајрами.
Поради малиот број настани кои би можеле да имаат обележја на кривично дело, Бајрами цени дека може да се даде генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент минува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес. Електронска адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело, кое би можело да го наруши текот на изборите. И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а координации се прават и со други институции надлежни за следење на изборниот процес. Сите евентуални сомненија за кривични дела, кои би можеле да го нарушат изборниот процес, ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
(Видео) МВР: Изборниот ден тече мирно, со регистрирани помали инциденти
До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово, село Баница, Струмичко, и во општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во преостанатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има какво било нарушување на изборниот процес, граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.