Македонија
Граѓаните да ги пријавуваат штетите од невремето на бројот 112, порача градоначалникот Герасимовски
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, веднаш по денешното невреме излезе на терен и заедно со припадниците на МВР изврши увид на неколку локации во Општина Центар каде граѓаните имаа пријавено штети.
Паднат е лим од покрив на улица „Црвена Вода“, кој оштетил неколку возила кои биле паркирани во непосредна близина на зградата, а пристигнати се и неколку пријави за паднати дрва на повеќе локации во општината.
„Веќе од понеделник ќе формираме посебен тим од општината кој ќе излегува на терен по временски непогоди и ќе врши увид во состојбата. Жителите на Центар сите поголеми штети од невремето можат да ги пријавуваат на бројот за итни случаи 112, од каде ќе бидат проследени до општинскиот штаб за управување со кризи“, изјави градоначалникот Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Иљази им забрани на докторите од Токсикологија да даваат изјави за медиумите
Економската директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази, им забрани на вработените на Клиниката за токсикологија да даваат медиумиски изјави, по скандалите кои еден месец ја тресат здравствената установа.
Таа претходно немаше слух за барањето на вработените кои повикаа да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, од кои имаат потреба, наместо 18 лица на чиешто вработување Иљази инсистираше, а за кои веруваат дека не ги исполнуваат критериумите.
Откако докторите јавно ја прозваа Иљази е дека не соработува со нив, македонски јазик не зборува, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментов не функционира Токсиколошката лабораторија, и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази наместо да одговори на критиките, донела писмена наредба до докторите да не комуникцираат со јавноста.
„Клиниката за Токсикологија Скопје, ВД. Организацискиот директор на Клиниката на ден 20.05.2024 ја донесе следнава НАРЕДБА за забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес конференции. Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до В.Д. Организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи на сакнционирање“, се наведува во наредбата.
Министерот за здравство, Илир Демири, претходно го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петревски, и покрај тоа што нивните поплаки се однесуваа на економската директорка. Од минатата недела 18-те лица повторно почнале да доаѓаат на работа на Клиниката, а во јавноста беше објавено дека меѓу нив има и лице кое барало од лаборант урина со наркотици да биде заменета со чиста. Договориците потоа го обвинија професорот Нико Беќаровски за навреди на етничка основа, а тој возврати со најава за тужби и доби поддршка од вработените на Клиниката кои тврдат дека такво нешто не се случило, а за Беќаровски имаа да кажат се’ најубаво.
Министерот за здравство, Илир Демири, минатата недела не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата. Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави лани.
Скопје
Герасимовски: Мотивиран кадар во градинките дава резултати
Општина Центар и оваа година додели 12 награди и пофалници за најдобрите воспитувачки, негувателки, соработници и помошно-технички персонал од детските градинки.
,,Професионалниот, посветен и мотивиран кадар е од голема важност во процесот на воспитувањето, негата, квалитетното згрижување и образување на нашите најмали.
Раното детство е клучно за севкупниот развој на личноста. Затоа е од витална важност персоналот што работи во предучилишните установи да биде на ниво на задачата, а децата да се развиваат, растат и учат во средина што е стимулативна и безбедна. Само така ќе им обезбедиме успешен старт во животот.
Како Општина ќе продолжиме да ве поттикнуваме и мотивираме во таа благородна мисија“, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, честитајќи им на вработените за добиените награди.
Наградите во износ од 30.000,00 денари се доделени, согласно општинската Програма за здравствена, социјална заштита и заштита на децата, а врз основа на претходно утврдените критериуми за вреднување на работата на вработените во детските градинки во Општина Центар.
Настанот се одржа во матичниот објект на ЈУДГ „13 Ноември“, а беше организирана и детска ликовна изложба, при што за најдобрите трудови беа доделени пофалници.
Општина Центар секоја година доделува парични награди и благодарници за вработените во градинките што се истакнале во својата дејност, со цел дополнително да ги мотивираме сите оние што директно или индиректно придонесуваат во работата со деца, соопштија од оваа општина.
Македонија
Сајкоски по земањето на уверенијата од ДИК: До 28 мај очекуваме да се формира Собранието, а до средина на јуни нова влада
Денес, по покана на Државната изборна комисија, ги подигнавме мандатите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните уверенија. Со добивањето на уверенијата, до 28 мај очекуваме да се формира Собранието на Република Македонија, до средината на јуни очекуваме да ја имаме и новата влада во Република Македонија, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да изразам огромна благодарност до граѓаните на Македонија за поддршката што ѝ ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и за големата одговорност сакам да посочам дека ова е голема одговорност за нас како пратеничка група, како ВМРО-ДПМНЕ. Но, сакам да укажам дека ќе ја оправдаме оваа нивна дадена одговорност“, посочи тој и додаде:
„Меѓутоа, сакам исто да кажам дека во периодот што следува ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се насочиме кон борба против криминалот и корупцијата и ќе се насочиме кон подобро образование и здравство и ќе дадеме надеж дека тука може да се живее, да се работи подобро од она што беше до сега. И многу бргу граѓаните на државата ќе го увидат тоа“.