Македонија
Грковска – Вали: Соработката меѓу Северна Македонија и UNODC ќе продолжи и во однос на јакнењто на интегритетот во правосудниот систем
Во рамките на конференцијата на земјите потписнички на конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата, COSP 10, што се одржува во Атланта, САД, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, имаше работен состанок со извршната директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC), Гада Вали.
Грковска изрази благодарност за поддршката што UNODC ѝ ја дава на Република Северна Македонија, особено во имплементацијата на националната стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот со акциски план 2021-2023.
Притоа изрази уверување дека оваа соработка не само што ќе продолжи туку и ќе се унапреди и предложи UNODC да се вклучи во проектот што Кабинетот на вицепремиерката Грковска го реализира во соработка со Советот на Европа, а тоа е воспоставување регионална академија за добро владеење.
Директорката Гада Вали ѝ честита на вицепремиерката Грковска за успешното учество на COSP 10 истакнувајќи дека активностите што ги презентира делегацијата на Северна Македонија предизвикаа позитивни реакции меѓу учесниците. Таа изрази интерес UNODC да даде конкретна поддршка во воспоставувањето на регионалната академија за добро владеење.
Вали истакна дека UNODC особено внимание посветува на регионот на Западен Балкан и нагласи дека се работи на повеќе паралелни проекти, како што е правосудната мрежа на интегритет и антикорупциското образование, а се во насока на јакнење на механизмите за справување со корупцијата и организираниот криминал.
Двете соговорнички се согласија во наредниот период да продолжи меѓусебната комуникација, со цел проектите што ќе ги имплементира UNODC да бидат креирани целосно според потребите на Северна Македонија, а беше договорена и засилена соработка за јакнењето на интегритетот во правосудниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.
Македонија
Минчев: ИСУЧР како единствен систем, носи транспарентност и буџетски заштеди
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која го истакна значењето на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) како единствен, централен и задолжителен систем за сите институции во јавниот сектор, вклучително и општините и јавните установи.
„ИСУЧР не е уште еден информатички проект, туку темелна реформа која обезбедува законита пресметка на платите, транспарентност и реална контрола на јавните трошоци“ истакна министерот Минчев.
Тој информираше дека Владата донела одлуки со кои ИСУЧР станува единствениот извор на податоци за вработените и за пресметка на платите, при што државата по првпат стекна сопственост врз изворниот код на системот, со што се обезбедува долгорочна стабилност и целосна контрола.
Министерот нагласи дека со користењето на еден унифициран систем се остваруваат значителни буџетски заштеди и на централно и на локално ниво, преку укинување на паралелни софтверски решенија и дополнителни трошоци.
Министерството за јавна администрација обезбедува континуирана поддршка и обуки за институциите.
„Приклучувањето кон ИСУЧР не е прашање на избор, туку на одговорност и заштита на јавните финансии“ порача Минчев, нагласувајќи ја клучната улога на ЗЕЛС како партнер во реформата.
Македонија
ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас
Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.

