Македонија
Грковска: Жените се соочуваат со специфични бариери, кои ги прават поотпорни и помотивирани во борбата за подобро општество
„Правичната застапеност на жените на масите каде што се носат одлуки е предност сама по себе. Бидејќи вклучувањето на различни перспективи, искуства, пристапи и енергии, води до подобри и посеопфатни решенија на кое било поле“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел дискусија посветена на клучната улога на женското лидерство во справувањето со предизвиците, која се одржа во рамки на конференцијата „Успешни жени, за успешен регион“.
Грковска посочи дека за да се изгради подобро општество и систем кој е функционален, ефикасен, праведен и ги исполнува барањата и потребите на сите групи во нашата заедница, жените мора да бидат составен дел од тие процеси, а нивниот глас, идеи и потенцијал мора бидат вклучени во дизајнирањето и на сегашноста, и на иднината. На основно ниво, додаде вицепремиерката Грковска, ова е прашање на човекови права, на справување со дискриминацијата и нејзините извори. Бидејќи без стремеж за еднаквост на сите нивоа, нема успешно вградување на принципите на добро владеење во системот и општеството.
„Сметам дека токму предизвиците кои се специфични за жените, нееднаквиот третман во општеството и бариерите со кои се соочуваат, ги прават жените поотпорни и помотивирани во борбата за подобро општество. И затоа длабоко верувам дека жените и младите се движечката сила на позитивните општествени промени“, изјави Грковска.
Вицепремиерката ја нагласи важноста на соработката, вклучително и на регионално ниво, како и дијалогот и взаемната одговорност меѓу владите, компаниите и граѓанските организации, додавајќи дека од клучно значење е да се поттикне средина каде што сите засегнати страни се активно ангажирани за ефективно справување со предизвиците во општеството.
На панел дискусијата Грковска се осврна и на прашањето за родовиот јаз на пазарот на труд, истакнувајќи дека жените се сè уште доминантна работна сила во индустриите со пониски плати, но се недоволно претставени во дигиталниот свет, којшто обезбедува повеќе можности за економско зајакнување и професионален развој. Со оглед на тоа што жените сочинуваат половина од корисниците на технологијата, појасни Грковска, нивните сознанија и искуства се непроценливи во обликувањето на современите општества, во креирањето и спроведувањето на стратегии за дигитализација, во сајбер безбедноста и во сите поврзани сегменти од дигиталната трансформација на нашите општества.
Денешната конференцијата се одржа во Скопје, со учество на претставници од Владата, приватниот и граѓанскиот сектор, во организација на регионалната непрофитна иницијатива „Women on Boards Adria – WOBA“ (Жени во органи на управување Јадран), основана со цел да се зголеми родовата разновидност во извршните и неизвршните органи на управување во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

