Македонија
Грковска: Менувањето на менталниот склоп е најголем предизвик во секоја борба
„Имаме добра законска рамка за унапредување на родовата еднаквост, но главното и најтешко за постигнување е како да влијаеме на менување на менталниот склоп на луѓето. И тоа е најголем предизвик за секоја борба, не само за родовата еднаквост, туку и за борбата против корупцијата, за инсталирање на политиките за добро владеење итн.“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на панел-дискусијата „Женско лидерство – кршење на стаклениот таван преку премостување на родовиот јаз“, која денеска се одржа во Скопје во организација на едукативниот центар „М6“.
Вицепремиерката Грковска се осврна на ефектите што државата ги постигна со воведување квоти за жени во Собранието истакнувајќи дека при застапувањето за овој вид позитивна дискриминација, кој бил инициран од политичкиот подмладок на нејзината партија и подоцна прифатен и од сениорите, најголем противник биле токму жени. Таа истакна дека не е лесно да се вознемири систем, кој е комфорен за одредена група луѓе, и дека биле потребни неколку години за да се прифатат квотите за да им се даде простор на оние жени што се професионални и заслужуваат одредена позиција.
„Имајќи го предвид фактот дека сега имаме повеќе од 40 % жени во парламентот по толку децении, укажува на тоа дека кога сте убедени во својата идеологија и дека тоа е исправно, вреди секоја секунда, енергија, време и надминати предизвици за да го постигнете резултатот. Фактот што немаме квоти и за извршната власт и за градоначалници, ни кажува дека бројките таму се сосема поинакви и имаме минорни бројки на жени градоначалници и неколку министерки во Владата, и тоа само од мојата партија“.
Во своето излагање на панел-дискусијата вицепремиерката Грковска истакна дека борбата за еднаквост е процес што никогаш нема да заврши и кој не смее да се зема здраво за готово бидејќи, како што појасни таа, се соочуваме на национално и глобално ниво со ретроградни процеси, кои сакаат по секоја цена да ја сведат жената само на нејзината традиционална улога. Грковска нагласи дека за постигнување уште поголеми цели, потребни се инклузивни политики и квоти и во приватниот сектор, но и поддршка од страна на мажите за спроведување на овие политики.
Таа се осврна и со проблемот со родово заснованиот говор на омраза, со кој жените дополнително се виктимизираат кога преживеале насилство или кога се дел од јавната сцена. Според неа, слободата анонимно да се шири говор на омраза го зголемува притисокот врз жените затоа што тој најчесто не е поврзан со вршењето на професијата, туку со надворешниот изглед, а тоа дополнително ги обесхрабрува другите што имаат потенцијал да се вклучат активно во општеството. Во таа насока, Грковска се осврна и на Форумот на жените лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој, меѓу другото, беше формиран за да ги адресира и овие теми затоа што ваквите напади најчесто се насочени кон оние што не се подложни на влијанија и работат професионално и со интегритет.
Покрај вицепремиерката Грковска, на панел-дискусијата, што ја модерира новинарот Назим Рашиди, учествуваа и Тања Михајловска-Димитриевска, претставник на Women on Boards Adria, Дита Старова, директорка на Националната галерија на Северна Македонија, и Ерин Конкорс од Стејт департментот на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

