Македонија
Грковска- Саенз: Продолжува поддршката од UN Women за јакнење на женското лидерство во борбата со корупцијата
Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, одржа средба со Елиса Фернандез Саенз, заменик-регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија, на која присуствуваше и раководителката на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред.
Грковска се заблагодари за севкупната поддршка од UN Women за активностите на Кабинетот за политики за добро владеење, особено во поглед на актикорупциските политики и јакнењето на улогата на жените во борбата со негативните појави во општеството. Таа нагласи дека е важно политиките кои се креираат да бидат долгорочни и одржливи, бидејќи само на тој начин може да се постигнат видливи и ефикасни резултати.
Таа го истакна големиот придонес на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија во воспоставувањето на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, како регионална иницијатива за вмрежување на жените и младите од регионот, размена на искуства и взаемна поддршка во напорите да се изгради подобро општество за сите, со вградување на принципите на еднаквост, интегритет и одговорност.
Саенз ја поздрави оваа иницијатива на Грковска, нагласувајќи дека е многу добра идејата да се формира мрежа на жени со слични ставови, односно да се изгради критична маса на женско лидерство кое води напред. Двете соговорнички се договорија да ја продлабочат соработката околу оваа инцијатива и да ја поврзат со слични мрежи во светот, со цел да се зајакне и да се даде поголема видливост и гласност на целиот процес.
Тие се согласија дека е важно да се креираат политики и законска регулатива во насока на унапредување на позицијата на жените во сите сфери на општеството, но дека исто така е важно да се создадат ефикасни механизми кои ќе ја следат имплементацијата на усвоените политики.
Грковска и Саенз го отворија и прашањето за корупцијата во спортот од родов аспект и се согласија околу понатамошна соработка на интерсекторските теми каде се поврзуваат родовата еднаквост, младите и корупцијата, затоа што, како што и беше истакнато на средбата, токму жените и младите се носители на општествените промени и развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.

