Македонија
Груевски не бил тема на разговор меѓу Сијарто и Османи: „Не е неопходно да зборуваме за него, не се мешаме во судските постапки“
Екстрадицијата на експремиерот Никола Груевски, е актуелна меѓу новинарите, кои побараа одговори и од министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, и од македонкиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
„Што се однесува до вашиот поранешен премиер, ако има некои правни постапки во врска со тоа, тоа не е прашање на надворешната политика, ние не можеме да се мешаме во судските постапки и затоа не зборувавме за ова конкретно прашање на денешниот состанок и сметам дека не е неопходно да зборуваме за него“, рече Сијарто.
Османи на иста линија со својот гостин одговори дека тоа не е прашање на надворешнополитичка комуникација.
„Тоа е прашање на судските органи, Министерството за правда, кои си комуницираат во тој дел, а јас останувам на ставот дека поранешниот премиер треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата тука затоа што не е во интерес на ниедна држава премиер да биде во егзил“, истакна Османи во врска со екстрадицијата на Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.