Македонија
Даниловски до Комисијата за заразни болести: Дали сте, бре, нормални, ќе сте набавеле „паксловид“ во иднина, ако не сте дораснати да се справите со предизвиците, одете си дома
Познатиот епидемиолог Драган Даниловски на социјалните мрежи со реакција до Комисијата за заразни болести откога во јавноста беше објавено дека нема набавка на лекот против Ковид, „паксловид“.
„На Комисијата за заразни болести се дискутирало да се набави лекот против Ковид-19, ‘паксловид’, ама не сега, туку во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи. Министерството за здравство навело дека набавката ќе оди лесно и дека во моментот кога ќе побараат количини од производителот, ќе има доволно на располагање. Дали сте, бре, нормални? Ќе сте набавеле ‘паксловид’ во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи? Набавката ќе одела лесно?
Тактизирате, а? Зошто?
Сте чуле ли дека со зголемување на бројот на позитивни случаи пропорционално расте и веројатноста да се зголеми бројот на случаи со тешка клиничка слика, кои бараат хоспитализација, како и бројот на умрени?“, прашува Даниловски во напишаното.
Сте чуле ли дека „паксловид“ се дава кај ризични пациенти со лесна и средна клиничка слика во првите пет дена од почетокот на симптомите токму за да се спречи да не добијат тешка клиничка слика и да завршат во болница или на гробишта? Како тоа да се спречи ако немаме „паксловид“?
Конечно, сте чуле ли дека веројатноста за појава на постковид-синдромот (т.н. долг Ковид) е поголема кај оние со тешка клиничка слика?
Дали воопшто знаете колку ризични поединци во моментот имаат респираторни инфекции? Не знаете.
Дали знаете дека бројот на настинки постојано расте? Е, тоа го знаете. И ќе расте сè повеќе.
Ако „паксловидот“ веќе го имавме на располагање, ќе можевте да му советувате на министерот за здравство да ги повика ризичните поединци да се тестираат – самостојно или кај својот матичен лекар. Па, ако се утврди коронавирус, матичниот лекар да процени дали смеат да се лекуваат со „паксловид“. И тие што би смееле да го земат, би биле спокојни.
Како тоа да се спроведе ако немаме „паксловид“?
Дознавам од мои извори дека неделава ќе сте собирале некаква работна група од клиничари за да ги „апдејтира“ лековите? Работна група? За што? Да проценува дали е потребно да се набави „паксловид“?
Кои ќе бидат критериумите за донесување одлука за набавка? Бројот на потврдени случаи на Ковид-19? Или бројот на хоспитализирани? Или бројот на смртни случаи?
Колку време ќе биде потребно за набавка? Недела, две, месец, два?
Во меѓувреме, колкумина ризични граѓани (ако се заразат) ќе бидат изложени на (избеглив) ризик да завршат во болница? Или на гробишта? Кој ќе сноси одговорност за тоа?
Четирите принципи на медицинската етика се:
1. Полза (прави добро)
2. Незлобност (не прави штета)
3. Автономија (давање на пациентот слобода да избира слободно, онаму каде што е можно)
4. Правда (обезбедување правичност)
Вие ги кршите првите два принципа!
Ако не сте дораснати да се справите со предизвиците, одете си дома“, потенцира во напишаното доктор Даниловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Системот за видеонадзор на сообраќајниците „Безбеден град“ е поставен во Скопје, Куманово и Тетово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени“, издвои министерот Тошковски од средбата и додаде:
Во иднина треба во континуитет да се инвестира во овој дел, да се прошири и во другите градови низ државата, како и да се распредели дополнителен кадар со цел оваа организациска единица да работи непречено во текот на 24 часа, бидејќи е од круцијално значење за обезбедување на поволна безбедносна состојба.
Македонија
24 Мај – Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј е неработен ден за сите граѓани
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 24 мај 2024 година (петок), Св. Кирил и Методиј – Денот на сесловенските просветители – е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани во Република Северна Македонија им го честита празникот Св. Кирил и Методиј – Денот на сесловенските просветители.
Македонија
Мицкоски – Дрекслер: Заложбите на владата на ВМРО-ДПМНЕ се евроинтеграциите, забрзан економски развој и борбата против криминалот и корупцијата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
На средбата претседателот Мицкоски ги презентира заложбите што ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ќе ги има, а тоа се евроинтеграциите, забрзан економски развој и борбата против криминалот и корупцијата.
„Потребно е Македонија да се стави на брза лента кон ЕУ, но и засилено да се забрза економскиот развој и да се подобри животниот стандард на граѓаните. Борбата против криминалот и корупцијата се клучни бидејќи Владата на СДС и ДУИ ја деградира државата по сите основи, а најмногу на тоа поле. ВМРО-ДПМНЕ ќе работи за сите граѓани на државата, а не како СДС и ДУИ до сега“, рече Мицкоски.