Македонија
Спасовски од Љубљана: Досега издадени 31.187 патни исправи на нашите граѓани во странство
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, ја посети Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, каде што оствари посета на конзуларното одделение во Амбасадата, со цел увид на процесот на фотографирање и издавање на патните исправи, како и делење пасоши на сонародниците – иселеници.
Во оваа пригода Спасовски информира за процесот на издавање на патните исправи во Љубљана, а во врска со проектот за базни станици со поднесување барања за издавање патни исправи преку дипломатско-конзуларните претставништва, кој почна кон крајот на 2021 година, во соработка со Министерството за надворешни работи.
„Од 2023 година од јануари до септември, заклучно со 15.9.2023 година, издадени се вкупно 11.415 патни исправи. За овој период само во Љубљана издадени се 870 патни исправи“, информира тој додавајќи дека од самото почнување на проектот со издавање на патните исправи во согласност со новото упатство издадени се вкупно 31.187 патни исправи.
„Од октомври 2021 година до 31.12.2022 година издадени се вкупно 19.772 патни исправи, а само во Љубљана издадени се 1.182“, рече Спасовски изразувајќи го задоволството што целокупниот процес од поднесување барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена.
„Нашата цел беше создавање вистински сервис за граѓаните, ефикасен и економичен одговор на нивните потреби, а на мое големо задоволство успеавме да ја оствариме со сериозно кратење на времетраењето на процедурите, кои досега траеја од четири до пет месеци, и тоа со големи трошоци. Сега веќе овозможуваме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време“, изјави Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Без струја корисници од село Долно Лисиче
Без струја од 08:30 до 15 часот ќе бидат корисници од село Долно Лисиче (објекти на патот кон Драчево и ул.„10“), најави Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Скопје.
Прекинот е поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа.
Македонија
Времето променливо облачно со сончеви периоди
Времето денес ќе биде променливо облачно со сончеви периоди.
Попладне претежно во западните и југоисточните делови од земјата ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.
Македонија
Пендаровски ја напушти Вила Водно, им се заблагодари на граѓаните и соработниците
Експретседателот на државата, Стево Пендаровски, чијшто мандат заврши денес, преку социјалните мрежи упати благодарност до граѓаните и своите соработници.
„Благодарност до сите граѓани за укажаната доверба и на сите соработници со кои заеднички работевме во изминатите пет години“, напиша Пендаровски.
Претходно тој во Вила Водно ја пречека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пришто свечено и’ ја предаде функцијата, а и’ ja честита и победата.
Пендаровски беше петтиот претседател од осамостојувањето на државата, а функцијата ја презеде во 2019 година од дотогашниот претседател, Ѓорге Иванов.
По престанокот на функцијата, на секој претседател му следат низа на доживотни бенефиции. Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, претседателот има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Пендаровски неодамна изјави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врати на работното место професор.