Македонија
Датумот за избори ќе се одреди имајќи ги предвид верските празници во пролетните месеци, техничка влада ќе има како и досега, вели Ковачевски
При одлучувањето за датумот за претстојните претседателски и парламентарни избори ќе се води сметка за верските празници кои нашите граѓани ги почитуваат, рече денес премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Националниот ден на осигурувањето. Тој избегна конкретно да одговори на прашањето дали во февруари треба граѓаните да очекуваат да почне со работа техничка влада, но уверува дека избори мора да има.
„Ние избори ќе имаме затоа што им истекува мандатот и на претседателот и на парламентот. Во однос на тоа кога точно ќе бидат изборите, ќе може да биде информирана јавноста тогаш кога ќе се постигне договор во однос на точниот датум во рамките на парламентот бидејќи тој ќе треба да ја донесе таа одлука затоа што претседателот на Собранието ги распишува изборите. Треба да се има предвид дека во текот на пролетните месеци имаме и верски празници, кои нашите сограѓани ги почитуваат. Имајќи ги предвид сите овие претпоставки, ќе биде донесен и датум, а нормално дека ќе биде во законските рокови. Со оглед на тоа што во нашиот закон постои обврска за техничка влада, таа ќе биде 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори, така како што било и досега“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот веќе неколку недели не одговара конкретно на новинарските прашања дали парламентарните избори ќе бидат, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, во вториот изборен круг на претседателските избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноска: Со платформата 1198 ќе имаме широк дијалог со синдикатите, жестока борба со корупцијата и економска трансформација
Денес унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Брвеница во дворот на црвата Св. Никола во Челопек организираше одличен настан во кој учество имаа земено и млади девојки во поречка носија оттука го честитаме први мај меѓународниот ден на трудот и се обврзуваме како идна влада со програмата платформа 1198 дека ќе имаме широк дијалог со синдикатите, дека ќе направиме економска трансформација од која ќе бидат задоволни сите граѓани на Република Македонија, рече Дафина Стојаноска, носител во изборната единица шест.
„Ветуваме жестока борба со корупцијата и секако конечно завладејување на правото. Македонија мора повторно да биде твоја и повторно да биде горда“, вели Стојаноска.
Македонија
Минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада, побараа синдикалците
Синдикалците бараат минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз.
Тие порачаа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања во првите 100 дена.
„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“, рекоа од Синдикатот на работниците.
Оттаму порачаа дека бараат достоинствени плати за да не мора, како што рекоа, својата егзистенција да ја бараат во Хрватска, Црна Гора или други земји.
Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука да им биде одземен Работничкиот дом, појаснувајќи дека со тоа се направени обиди за притисок врз синдикатите.
Македонија
Мојсоска: На бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука
На митингот во Охрид се обрати и Јована Мојсоска, носител на листа на ИЕ 5 која истакна дека влезот на двајцата пратеници во Собранието покажал како треба да се води вистинска левичарска опција, за разлика од т.н. социјалдемократи кои изминатиот мандат ги распродале сите АСНОМ-ски идеали.
,,Мене ми е малце дегутантно кога слушам дека некој ќе го праќал ДУИ во опозиција. Тие имаа можност да ги пратат ДУИ во опозиција тука во советите, но сите бевме сведоци како се продаваше Мауцер и како локалниот шериф Нефи Усеини гради дивоградби, а градоначалникот молчи. Дури и ја сруши плочата на АСНОМ за која градоначалникот, исто, мудро молчи. Со Левица на власт ќе ја срушиме дивоградбата на Нефи и ќе ја вратиме плочата на АСНОМ”, истакна Мојсоска.
Мојсоска истакна и тоа дека Левица како единствена работничка партија е противтежа на анационалната олигархија која беше креирана во 90 – тите.
,,Нашата борба во Собранието е единствената причина зошто денес немаме Бугари во устав. Да не беше Левица, ние ќе гледавме фашистички клубови во секој град во државата. Ние ниту сме во спрега со моќниците кои се поврзани со секоја власт, ниту сме уценети и затоа нашите политички непријатели знаат дека со нас не се преговара за непринципиелни работи“, истакна Мојсоска.
Додека ја обвинуваат Левица дека е во коалиција со СДС и ДУИ, само против Талат Џафери Левица има поднесено девет тужби кои, како што истакна Мојсоска, се чуваат во фиока.
,,Само ќе спомнам против кои звучни имиња Левица поднела кривична пријава: Шкодране Дардишта, Бенито Јошевски, Артан Груби, Сали Мурати, Оливер Спасовски, Беким Максути и многу други. И Левица ќе биде факторот против бугаризацијата на Уставот додека одродените социјал-демократи ќе завршат на буништето на историјата”, рече Мојсоска.
,,Иако имаше обид од страна на бугарски структури да го воскреснат неофашизмот кај нас со отворање на клубови со фашистички наративи, ние не паднавме во духот. Напротив кога ги отвораа клубовите ,Ванчо Михајлов’ и ,Цар Борис’ се собравме и на бугарофилите им кажавме дека местото не им е тука. Особено, не по диктат на буржоазијата која купува национален идентитет и историја за ситни пари кои носат крупни гревови. Секогаш сме биле на вистинската страна, секогаш со нашето присуство, каде и да се појавиме, часовите им се избројани”, рече Горан Велевски, кандидат за пратеник во ИЕ5.