Македонија
Дваесетмина хулигани се тепаа, повредија полицаец и ги презедоа сите вести, Ковачевски повика спортот да им се остави на спортистите
Вчерашните инциденти пред и по натпреварот меѓу бугарскиот клуб „Левски“ и домашниот „Шкупи“ се резултат на хулигани, кои се тепале меѓу себе, а повредиле и полицаец. Премиерот Димитар Ковачевски, денес, на поставувањето камен-темелник за нова полициска станица во Аеродром повика спортот да им се остави на спортистите и нагласи дека хулиганите успеале да ги преземат сите вести во медиумите.
„Тоа вчера беше резултат на хулигани и немаат никаква врска со спорот. И од едната и од другата страна. Ако ги видите вестите на агрегатите на вести, тогаш ќе видите сѐ, освен колку бил резултатот на натпреварот. Фудбалерите се дојдени да играат фудбал поради вистинските навивачи. Тоа што вчера се случи беше уште еден доказ дека фудбалот и кој било спорт треба да им се остави на спортистите и на вистинските навивачи, а не на хулигани што ги преземаат настаните пред и по натпреварот, а со тоа и сите вести. Никој не зборува кој фудбалер како играл, туку сите зборуваат кои се тие петнаесетмина, дваесетмина хулигани, кои се тепале и меѓу себе и повредиле и полицаец, кому, благодарение на докторите, повредата му е санирана и е пуштен на домашно лекување“, рече премиерот Ковачевски.
По вчерашните инциденти, во кои беше повреден и опериран еден Бугарин, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени 19 бугарски и двајца македонски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска сончево и потопло
Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.
Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.