Македонија
(Видео) Пријател на избодениот Бугарин во Скопје: Чаир е опасна населба, додека возевме, дојде група и почна да удира
Пријател на избодениот 29-годишен Бугарин во Скопје за бугарската телевизија „Нова“ зборуваше за инцидентот.
Петар Бозов станал сведок на нападот, во кој група граѓани во Чаир нападнаа навивачи на бугарскиот клуб „Левски“. Бозов за бугарскиот медиум раскажа дека и самиот бил повреден кога бил удрен со стап по главата.
Петар негира дека учествувал во организирани тепачки. Тој ги повика бугарските власти да помогнат во лекувањето на пријателот и во транспортот до Бугарија.
„Околу 18 часот бевме на влезот во Скопје. Сите бугарски автомобили беа детаљно проверени дали има оружје. Излезе кордон да нѐ придружува, но на автопатот тој се разиде и не бевме добро чувани. Пред една кривина возачот на вториот автомобил светна со светлото и застанавме. Ме праша: „Знаеш ли каде одиме?, реков: „Да, по трасата што ни ја даде ‘Левски’“. До нас застана полиција и ги прашавме: „Десно?“, а тие рекоа: „Да, продолжи, продолжи“. Ова испадна патот до излезот во Чаир“, вели пријателот на избодениот Бугарин.
„Македонската полиција многу добро виде колку бугарски автомобили скршнаа и завршија во опасната населба“, додава тој.
Тогаш почнал кошмарот, пишува бугарската „Нова“. Околу нив наводно се собрала поголема група мажи од албанско потекло, кои почнале да удираат по автомобилите. Таму го изболе Драго, другарот на Петар, пишува „Нова“.
„Бевме тепани со метални предмети и лименки“, раскажува тој тврдејќи дека со ништо не го предизвикале инцидентот.
Објасни дека полицијата им забранила да се фотографираат. Ним им бил одбиен и преведувач за време на сослушувањата. На крајот превел бугарскиот амбасадор во Македонија. Тврди дека напаѓачите во населбата Чаир се идентификувани од полицијата.
Петар вели дека тој е адвокат, а избодениот пријател работи во областа на телекомуникациските услуги, тој е ИТ-специјалист.
Претходно денес, македонското Обвинителство излезе со детали додавајќи дека се издадени сите наредби за идентификација на лицата што учествувале во инцидентот.
Според првичните сознанија на Обвинителството, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски“ со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“, каде што влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.
Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани што излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба.
Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните што учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од самото место, кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видеозаписи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град“, а се преземаат и други дејства.
Што се однесува до другите инциденти поврзани со навивачи на ФК „Левски“ во текот на вчерашниот ден, Обвинителството е известено дека се процесирани прекршoчно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.