Македонија
Налепници „слободна Газа“ на семафорите во Чаир, „Улици и патишта“ со денови не ги одлепува
Семафорите на крстосницата на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош со улицата Ферид Бајрам, на границата меѓу општините Чаир и Бутел, веќе неколку денови се залепени со налепници на кои пишува „слободна Газа“. Залепени се црвеното и зеленото светло во обете насоки на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, па многумина возачи, кога ќе светне зеленото светло, збунети од она што го гледаат, се случува да не тргнат навреме, па мора да чекаат повторно да се запали зелено светло. Особено видлива е пораката „слободна Газа“ навечер кога воопшто не се забележува дека на семафорот има налепница.
„Макфакс“ побара објаснување за налепниците на семафорите од Јавното претпријатие „Улици и патишта“, задолжено за одржување и контрола на вертикалната сигнализација во градот.
„Шефот не е тука. Ќе му пренесам дека има прашања“, ни рече господинот што одговори на мобилниот телефонски број на Центарот за управување и контрола на сообраќајот во ЈП „Улици и патишта“.
Прашања за налепниците „Макфакс“ му испрати и на директорот на претпријатието, Ќамил Ковачи, но до објавата на текстот и тој не ги одговори.
Семафорот, кој сега има налепници, „Улици и патишта“ многу често го поправа. Граѓаните во неколку наврати досега пријавуваа дека во исто време светат и зеленото и црвеното светло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мисајловски: Треба да се пофали градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски и неговиот тим бидејќи има многу проекти
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 2, Владо Мисајловски, денес беше во посета на општина Гази Баба.
-Нови, позитивни работи во Гази Баба. Треба да се пофали градоначалникот Бобан Стефковски и неговиот тим бидејќи многу проекти има. Еве во последниве две години откако е тој градоначалник, можеме да бидеме сведоци на преку 30-тина игралишта, спортски и училишни сали. Многу реконструкции на патишта, водоводи, канализации. Вака навистина се сака Гази Баба и Македонија, рече тој.
Мисајловски потенцира дека е горд на тоа што ветувањата се реализираат.
-Сакам да ги повикам сите граѓани да ни ја дадат поддршката на 8-ми мај за ваквите проекти да продолжат. На 8-ми мај да ставиме печат на една голема историска победа, за да има повеќе средства за сите општини. 250 милиони евра годишно да се даваат на сите општини, вклучително и Гази Баба каде ќе можеме да видиме и други проекти, директно со помош од централната власт, истакна Мисајловски.
Тој потенцира дека промените се во рацете на народот.
-Примените се во твои раце, народе и Македонија останува твоја. Промените треба да ги започне секој еден од нас, порача тој.
Македонија
Гаши и коалицијата Вреди имаат посебна програма за иселениците и луѓето кои инвестираат во Македонија
Албанците кои живеат во различни земји во светот, ќе имаат придобивки од даночните олеснувања и поддршка за отворање бизниси во нивната татковина. Ова го предвидува планот на коалицијата ВЛЕН, кој Африм Гаши, претседател на „Алтернатива“ му го открил на претприемачот и активистот од Дебар, Ибрахим Колари, кој се вратил од Америка и инвестирал во својата татковина.
Во оваа прилика, Гаши покажа дека тој и коалицијата ВЛЕН имаат посебна програма за иселениците и луѓето кои инвестираат во Северна Македонија.
„Субвенционирање на таксите и даноците. За првите три години на сите оние кои живееле пет или повеќе години во странство и се враќаат да инвестираат износ од 50.000 евра или повеќе во отворање нов бизнис во Северна Македонија“, рече Гаши, покажувајќи и дека ќе има преполовување на данокот на добивка.
„Преполовувањето на данокот на добивка. Бизнисите отворени од иселениците ќе добијат поврат на даночниот процент врз основа на секторите во кои инвестираат (приоритетни ќе бидат новите технологии, преработката на храната и модерното земјоделство), но и врз основа на работните места што ги создаваат (приоритетни ќе бидат вработувањето на младите луѓе и жени)“.
Сепак, една од најинтересните точки што ги споменува Гаши е создавањето на Министерството за дијаспора, со кое ќе раководат кадрите од
дијаспората.
„Создавањето на структурата „Промотори на СМ“, преку која иселениците делуваат како економски амбасадори и привлекувачи на инвестиции. Посебни личности од јавниот живот и претприемачи од дијаспората ќе бидат назначени на позицијата Почесен конзул во соодветните земји, со цел да се влијае на подобрување на имиџот на земјата и сеопфатната комуникација на нашите иселеници со соодветните земји“.
Македонија
Мицкоски: Правилото победник со победник е прекршено, Владата ја формира мнозинството во парламентот
Жалам што сеуште раководството на ДУИ живее во некои времиња кој се минато во Македонија. Македонија е држава на сите граѓани во нејзе, ниту е федерација, ниту е би, три, четири национална држава. Македонија според Уставот е држава на сите граѓани, според демократијата оној кој има 61 пратеник ја формира идната влада во Македонија или ја формира владата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
„Јас не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското не македонско население во Македонија. Мислам дека сите ние сме граѓани на Македонија, Македонци и ценам дека политиката не треба да се гледа како условно кажано шведска маса, па ДУИ малце ќе земе сега од СДСМ, малку од ВМРО, малку од некоја друга политичка партија“, истакна Мицкоски.
Како што додаде, ДУИ беше шест и половина години со СДСМ во владата, а СДСМ се поразени во првиот круг претседателски избори и очекува да бидат поразени и после парламентарните избори.
„Очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели од денес“, истакна Мицкоски.
Тој повторно нагласи дека демократијата се темели на принцип врз основа на тоа кој има мнозинството во парламентот ја прави Владата.
„Демократијата се темели на принципот кој има мнозинство во парламентот и ја прави владата, не знам за кој мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило победник со победник. Имаше едно правило во минатото победник со победник кој е резултат од минатото, тој договор и тоа правило за жал самите тие го прекршија уште во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не треба да ја гледаме како шведска маса па малку со едните, другите, третите. Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство како што се очекува немаме ниту елементарна доверба да соработуваме со ДУИ, така што тие мора да одат во опозиција“, дециден е Мицкоски.