Македонија
Демири: Насилството врз здравствените работници е недозволиво, тоа претставува закана за грижата за пациентите
Министерот за здравство, Илир Демири, на денешниот Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, 12 Март, потенцира дека насилство врз здравствен работник е недозволиво и казниво со закон.
„Здравствените работници мора да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може да ни овозможат здравствена грижа и нега. Податоците на Лекарската комора говорат дека 78 % од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, а 80 % биле изложени на вербално насилство. Ова е фрапантен податок што покажува во какво општество живееме. Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.
Како што додава, минатата година се направија измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствен работник при вршење професионални работни задачи е насилство кон службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор.
„Важно е да се истакне дека лекарската комора прибира податоци за нападите врз лекарите за да може активно да го следи постапувањето на надлежните институции, но и за да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Единствен начин на кој Комората може да прибира податоци е доколку лекарите, по пријавувањето во полиција за инцидентот, ја информираат и Комората. Пријавете насилство врз лекари на официјална веб-страница на Лекарската комора: www.lkm.org.mk“, рече Демири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор
Портпаролот на Европската комисија изјави за „Еурактив“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор, стои во написот.
Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за „Еурактив“.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина.
Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и му обезбедуваат на Скопје обука и знаење за прашањата на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.