Македонија
Демократскиот сојуз: Неуспешен обид на ВМРО-ДПМНЕ за политичка дискредитација
Демократскиот сојуз на денешната прес-конференција ги презентира фактите во врска со обвинувањата од страната на ВМРО-ДПМНЕ.
„На денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ изнесени се дрски лаги и конструкции во врска со работењето на претпријатието ‘Градски паркинг’ под раководство на Борче Јакимовски, кадар на Демократскиот сојуз (ДС).
Повеќе од еден месец Демократскиот сојуз и други партии од владејачката коалиција се предмет на неосновани напади од Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ. Демократскиот сојуз ги демантира и со индигнација ги отфрла сите напади дека на кој било начин кој и да било од Демократскиот сојуз што извршува функција е вклучен во криминал. Овие напади од ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме како обид за уцена да не бидеме и натаму дел од парламентарното мнозинство“, изјави генералниот секретар на ДС, Зоран Димитровски.
Според Димитровски, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ најмалку можеле да напаѓаат, паушално и неосновано, од белата зграда, која, како што рече, е градена со капитал стекнат на криминален начин. Тој нагласи дека се работи за партија против чие раководство се водат голем број кривични постапки, а како што додаде, поранешни највисоки државни функционери се осудени на правосилни казни затвор за тешки облици на криминал и корупција.
„Досега никој не добил гратис билет за паркирање ниту, пак, за бесплатно паркирање. Списоци нема, тие се конструкции и фалсификати на актуелниот директор за што ќе следува кривична тужба. Претпријатието работи во согласност со законите и одлуките на градоначалникот и Советот на Град Скопје. Инаку, ЈП ‘Градски паркинг’ работи на пазарни основи, при што над 270 вработени секојдневно ги извршуваат своите работни задачи. Претпријатието 2021 година ја заврши со вишок средства од над 27 милиони денари, доволни за исплата на четири плати на вработените.
Нема донации и субвенции ниту од Градот ниту од Владата, парите за кои Советот на Градот донесе одлука да му се дадат на претпријатието се компензација на комуналната такса во износ од 10 отсто. Имено, ако се наплаќа паркинг-билет по цена од 30 денари, 18 отсто одат за ДДВ, а 10 отсто за комунална такса или 3 денари, кои одат во Градот, а потоа Градот му ги враќа на претпријатието за да се задржат пониски цени за паркирање. Тоа е така секоја година“, рече Димитровски.
Плаќањето на комуналната такса во износ од 33 милиони денари за минатата година било одложено од претходниот директор бидејќи, како што рече, сме во ковид-криза, каде што има намалено паркирање, како и можноста да се воведат дополнителни рестриктивни мерки и сл., при што прометот ќе се сведе на минимум.
„Од таа причина директорот Јакимовски овие средства ги има оставено резерва за нормално сервисирање на претпријатието, за исплата на плати, комунални трошоци и даноци кон државата. Борче Јакимовски е еден од најчесните и најдобри менаџери, кој успешно го водеше претпријатието 12 години, без каква било дамка. Отворени сме за каква било контрола на работењето на директорот Борче Јакимовски. Сакаме да ѝ порачаме на ВМРО-ДПМНЕ дека не сме сите исти. Има и чесни директори, министри и политичари“, порача Димитровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

