Македонија
Димитров – Вархељи: Невозможно е да се одржува европска перспектива ако ЕУ не си ги исполнува ветувањата
Во рамките на дводневната работна посета на Атина, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, имаше обраќање на економскиот форум „Делфи“ заедно со еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархељи.
Во рамките на дебатата посветена на ЕУ и Западен Балкан беа отворени прашања за спроведување на минатогодишната одлука на ЕУ со која се даде зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, сценариото за раздвојување на портфолијата, односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија и последиците од постизборната неизвесност за деблокирање на процесот, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално.
Вицепремиерот Димитров го нагласи значењето за остварување на долгоочекуваното, но и заслужено официјално почнување на процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, како сериозен тест за иднината на европската перспектива на целиот регион, но и сериозноста на ЕУ кога станува збор за процесот на проширување.
„Процесот на пристапување треба да биде процес заснован на заслуги, процес базиран на перформанси и мислам дека, конечно, го достигнавме времето кога треба да почне одамна задоцнетиот пристапен процес. Станува невозможно за нас да ја одржиме и да продолжиме да зборуваме за европската перспектива пред граѓаните на Северна Македонија. Мислам дека ова се одразува до одреден степен и во другите земји во регионот. Има голем влог и за ЕУ затоа што беа дадени ветувања и ако ветувањата не се исполнат, тоа испраќа многу негативна порака“, истакна Димитров.
Навраќајќи се на спорот со Бугарија, Димитров истакна дека би било сосема природно соседите, кои се исто така земји членки на ЕУ, да имаат најголем интерес за европска Северна Македонија, за успешна приказна во нивното соседство.
„И мислам дека од оваа перспектива треба да му пристапиме и да го ревитализираме ангажманот со Софија. Tреба да се обидеме да го искористиме моментот, да најдеме начин да ја надминеме пречката и ова го гледам како сценарио за заедничка победа или заеднички пораз. Немаме сценарио во кое Бугарија победува, а Северна Македонија губи. Обете држави сме губитници или обете победници, а и ЕУ е во ист кош“, рече Димитров.
Во тој контекст Димитров потенцира дека процесот на обединување на европскиот континент мора да биде заокружен со интеграција на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан како регион што геофрафски е опкружен со земји членки на ЕУ, но и поради заемните економски, политички и безбедносни интереси.
„На сите ќе ни биде подобро – на земјите членки, луѓето од Европа и луѓето од регионот, кои се исто така Европејци на многу начини, ако овој регион е целосно усогласен, целосно интегриран и ако инвестираме за да има економска конвергенција и за овие држави да бидат големи европски демократии, со економски просперитет“, потенцира тој.
Еврокомесарот Вархељи ја повтори позицијата на Европската комисија дека Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори со ЕУ и дека процесот на проширување мора одлучно да се движи напред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.