Македонија
Директорот за инцидентот во Кавадарци: Не е прикажано дека бев провоциран и навредуван, се води хајка против мене
Директорот на училиштето кој вчера беше снимен во инцидент во дискотека во Кавадарци, го опиша настанот, коментирајќи дека се изнесуваат невистини со цел да се наруши неговиот углед и се води хајка против него.
Директорот Ѓорчев вели дека на видеото објавено од „Реално Кавадарци“ не е прикажан моментот на провокација од страна на лицето кое вербално го навредува и лицето коешто незаконски го снима и објавува видео записот.
„Јас Ѓорѓи Ѓорчев под целосна морална одговорност, во врска со настанот во Дискотеката Централ, којшто се случи на ден 10.06.2023 година, околу 01.30 часот, после изнесените невистини и лажни обвинувања со едно видео и текст објавени од порталот Реално Кавадарци, чувствувам потреба да се произнесам за нелогичности кои беа објавени на порталот.
Во видеото не е прикажан моментот на провокација од страна на лицето кое вербално ме навредува и лицето коешто незаконски го снима и објавува видео записот.
Барам одговорност од порталот што го објавува видеото и од лицето кое незаконски го снимал и монтирал за да го објави.
Тие што ме познаваат знаат дека не сум конфликтна личност.
Не знам од кои причини се води хајка против мене од настанот врз основа на едно снимено и монтирано видео, преку коешто текстуално се изнесуваат невистини со цел да се наруши мојот углед и чест“, се наведува во реакцијата на директорот што ја објави КТВ-телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пронајдени 1.408 пушки од балканските војни при градежен зафат во Битола
Регионалниот ЦУК Битола, известува дека во близина на поранешниот гарнизон во Битола, при изведување на градежни земјени работи пронајдени се 1 408 пушки од минатите балкански војни.
Пушките се подигнати и складирани на безбедно од страна на ДЗС Битола.
Се предупредуваат граѓаните ако случајно пронајдат оружје, бомби, гранати и слични неексплодирани бојни средства (НУС) од минатите војни да не ги фаќаат и да не ги поместуваат, туку едноставно да ја пријават локацијата и виденото на 112 во ЦУК, а потоа надлежните за НУС од Системот за управување со кризи безбедно ќе ги отстранат и неутрализираат, согласно стандардни оперативни процедури.
Македонија
Езерото не е корпа за отпад
Деновиве, во Охрид, се одржаа неколку екоакции за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи учениците собраа разновиден отпад во рамките на проектот ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СВЕТЛА ИДНИНА, кој се реализира на иницијатива на Здружението на граѓаните „Нова порта“, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Целта на овој проект е градење еколошки свесна младина. Од Здружението на граѓаните „Нова порта“ велат дека преку вакви акции за чистење на најкритичните места по должината на брегот на Охридското Езеро се подигнува еколошката свест кај јавноста, а од друга страна, се остава чиста слика пред почетокот на туристичката сезона во Охрид. Во акцијата се вклучија наставници и ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Охрид.
„Како наставен кадар се трудиме од најмала возраст да ги едуцираме децата за грижа кон животната средина. Би било добро да има повеќе вакви екоакции, да се вклучуваат што повеќе ученици. Ние сме свесни дека не можеме сè да исчистиме, но даваме пример како треба да се однесуваме, да бидеме екосвесни. Учениците ги учиме правилно да одлагаат отпад, но и да рециклираме отпад, а со тоа веруваме и со вакви акции ќе ја подигнеме свеста кај сите“, изјави Билјана Иваноска, наставник во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид.
Младите испратија силни еколошки пораки за зачувување на најстарото и највредно природно езеро во земјата и Европа.
„На отпадот местото му е во корпа за отпад“, „Не фрлај ѓубре во езерото“, „Да ја чуваме животната средина“, се дел од пораките на учениците.
„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов период на повеќе локации се собираше отпадот а се спроведе и акција под мотото „Езерото не е корпа за отпад“ на која преку транспаренти се испратија еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето“ , велат од „Нова порта“.
Исчистените плажи, како еколошко чисти плажи, ќе се обележат и со еко-знамиња.
„Ваквите акции пред се имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина“, додаваат од „Нова порта“.
Во рамките на проектот предвидено е да се реализираат и неколку подводни чистења на Езерото во Охрид и Струга како и едукативни работилници со учениците од основните училишта.
За подигнување на еколошката свест во рамките на проектот ќе биде изработен и видео спот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
Сервисни информации
Сончево со умерена облачност, попладне во некои делови нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, во западните делови од западен правец. Попладне, особено во западните и крајните источни делови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локална појава на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност поголема попладне и со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи.
Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
До четврток, претежно во попладневните часови ќе има појава на повремен пороен дожд и грмежи. Во овие денови локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Постабилно време се очекува од петок, а за време на викендот и натпросечни температури.