Македонија
Договорени приоритети за надминување на алармантната состојба со Преспанското Езеро
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, одржа работна средба со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, заради алармантната состојба со Преспанското Езеро.
На средбата беа разгледани можностите за забрзување на активностите и на национално и на меѓународно ниво. Со оглед на спецификата на Преспанското Езеро, чии води ги делиме со Грција и Албанија, како и неговата уникатна природа и поврзаност со Охридското Езеро и реката Црн Дрим, заеднички е ставот дека е потребен комплексен пристап заснован на научни сознанија.
Договорено е итно да се стави во функција работната група за чие формирање изминатиот период од страна на МЖСПП се направени консултации со повеќе засегнати страни, пред сè, стручните лица во областа, како и претставниците на општините и невладините организации со докажани резултати во Преспанскиот Регион. Исто така, договорено е истражување и вклучување на земјоделскиот сектор, кој има потенцијално големо влијание во овој регион. Во таа насока веќе е иницирано вклучувањето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за што е договорена и заедничка посета на Преспа наредната недела.
Клучен фактор за успешно справување со прашањето останува интензивирањето на активностите за завршување на процесот на формирање на трилатералниот комитет за Преспа паркот за кој штотуку беа номинирани членовите од македонската и грчката страна, а номинацијата од Албанија е во тек. Министерот се заложи за поинтензивна комуникација со неговите колеги од двете држави заради побрзо отпочнување на прекуграничната соработка за заштита на Преспа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Добиени се повеќе пријави за свлечишта и одрони на патот
Во текот на вечерните и утринските часови, како последица на обилните врнежи кои го зафатија западниот и југозападниот дел, на единствениот повикувачки број за итни повици 112 се добиени повеќе пријави за свлечишта на земја и одрони на патот, поточно кај местата Дебар-Струга кај местото Џепчиште и кај патот Кичево – Охрид кај место Извор, известија од Центарот за управување со кризи.
Оперативниот центар при ЦУК веднаш стапи во контакт со дежурните служби на Македонија пат, кои веднаш се вклучија во отстранување на свлечиштата и одроните кои предизвикуваа опасност по сообраќајот, додаваат од ЦУК.
Македонија
„Влен“: НАИ како коалиција без кауза веќе се распаѓа
„Коалицијата НАИ, изградена без кауза, без визија и без јасна политичка ориентација, влегува во фаза на неизбежно распаѓање. Она што се случи вчера со заминувањето на АА на Зијадин Села и заминувањето на Кренар Љога од оваа коалиција јасно ја покажува длабоката внатрешна криза, недостатокот на кохезија и неуспехот да се изгради одржлива политичка понуда“, велат од „Влен“.
„Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците.
ВЛЕН останува единствената консолидирана сила, со програма, со визија и со јасна структура за градење држава. Додека НАИ се распаѓа дел по дел, граѓаните и важните политички личности се враќаат таму каде што се наоѓа стабилност, сериозност и вистинска перспектива.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно и транспарентно, заштитувајќи го општиот интерес и градејќи сигурна иднина за граѓаните, додека други ќе се справуваат со распаѓањето на коалиција која никогаш немала своја кауза“, се наведува во соопштението на „Влен“.
Македонија
(Фото) Српски државјанин сакал да изнесе 94.000 евра од Македонија: спречен е на Табановце
Царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги на граничниот премин Табановце во текот на вчерашниот ден запленија девизи кои српски државјанин имал намера нелегално да ги изнесе од државава.

Поради сомневање во изјавата која ја дал патникот дека нема што да пријави и дека со себе носи помалку од 1.000 евра, царинските инспектори извршиле детална контрола на возилото и притоа на совозачкото седиште под машка јакна во црна рачна торбичка се пронајдени 44.000 евра, а во багажниот простор на возилото во црна кожна ташна биле пронајдени дополнителни 50.000 евра или вкупно 94.000 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло на парите и не ги пријавило.

На лицето му биле вратени 10.000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат без да пријават да ja изнесат од државава, а останатиот износ од 84.000 евра се привремено одземени.

