Македонија
Докторите сториле прекршок во случајот со починатото бебе во Битола, не било евидентирано дека родилката дошла во болницата па била пуштена
Државниот санитарен и здравствен инспектортат го објави извештајот со вонредниот инспекциски надзор а во врска со смртта на новороденче во битолската Клиничка биолница. Во извештајот се посочува за лекувањето и третманот на родилката В.К.Најавени се прекршочни мерки за еден лекар кој учествувал во породувањето на родилката.
Од увидот во медицинската евиденција и документација која се води во пишана и во електронска форма, како и од изјавите дадени од докторите гинеколози – акушери кои учествувале во лекувањето и третманот на родилката (д-р М. В, д-р Х Ѓ и , д-р М. А) констатирано е дека родилката В. К првпат се јавила на преглед во установата на 08.04.2023, а прегледот е извршен од дежурниот лекар на одделението за гинекологија и акушерство д-р М.В.
„На ден 09.04. 2023 год. пациентката е примена на одделението за гинекологија и акушерство со искреиран упат од истиот дежурен лекар кој претходно го извршил прегледот, во 02.25 мин. Запис за прием креиран во 02.34 мин, историја на болест отворена во 02.39 мин. По изјава на дежурниот лекар, пациентката била примена на одделението поради болки. Прв направен ЦТГ запис во 02.10 часот, земена е крв за биохемиска анализа во 03.11 часот;. Дополнително направени уште два ЦТГ записи и тоа во 03.30 ч и од 06.20ч со потпис од дежурниот лекар д-р М.В. По приемот на пациентката на одделението за гинекологија и акушерство на 09.04.2023г во утринските часови, по изјава на д-р М.В дадена и е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што „раѓањето не било започнато“, пациентката била отпуштена дома со препорака доколку се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така нема евидентирано анамнеза и статус на пациенката од страна на дежурниот лекар кој го извршил приемот.
По изјава на лекарите специјалисти по гинекологија и акушерство кои биле дежурни во наредната смена, на ден 09.04.2023г, пациентката В.К околу 14.00 часот се јавила на одделението, и по извршениот клинички преглед во амбулантата направен е ЦТГ запис во 14.15 часот
По препораката за прием заради отпочнато породување, со оглед на утврдената состојба при извршениот преглед, констатирано е дека за неа веќе е отворена историја на болест. Пациентката е примена во предродилна сала, направен е ЦТГ запис во 15.00 часот и извршено е породување по природен пат со употреба на вакум екстрактор при излез. Дежурните лекари во наредната смена изјавуваат дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В.К претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението, ниту пак во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран приемот на истата во ноќните часови.
За време на породувањето присутен е и специјалист педијатар – неонатолог. Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В.К констатирано е дека уредно се пополнети сите рубрики. Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10 минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18.25 ч. констатирана е смрт на новороденото од страна на присутните лекари специјалист педијатар – неонатологот и специјалист анестезиолог. Телото е предадено на обдукција со пополнети потврда за смрт и лекарски извештај за причина за смрт, а во пријавата за породување истото е нотирано, се посочува во извештајот на ДЗС.
Докторите специјалисти кој учествувале во лекувањето и третманот на пациентката и новороденото имаат лиценци за работа кои се во рок на важност, а за константираните недостатоци од страна на ДСЗИ ќе бидат изречени прекршочни мерки за д-р М. В, за правното лице и за одговорното лице во правното лице врз основа на чл.48-а ст.1 т.1 и 2 и ст.2 и 3, а во врска со чл.6 од Законот за евиденции во областа на здравството.
За д-р М. В ќе биде изречена и прекршочна мерка по чл.313 ст.1 т.2 од Законот за здравствена заштита“, се истакнува во извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспектортат.
Доктор Александар Обедниковски си поднесе оставка од морални причини по смртта на девојче и новороденче во битолската болница, по што на неговата позиција беше поставена Елизабета Ивановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.
Македонија
Премиерот се пожали дека ССМ не сакале да потпишат колективен договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти
ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настанот на Економскиот факултет при УКИМ организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“ истакнувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор што претходно го потпишал, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април за мартовската плата ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. В година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари – рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на овој договор, а тоа, според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените што се дел од одговорностите на Владата, која е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација – истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор во тој дел кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и во преодните одредби стои дека „тој останува во важност до носење друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува вака и така, ќе се повикаме на овој нов грански договор, што ќе го потпишеме со гранските синдикати за државната администрација – рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години ќе преговараме дел, што ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како, велат, ние сега сме го подпишале тој договор, како сега ние самите себе ќе си се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество за помалку од три години да не потпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели – истакна премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор, со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.

