Македонија
Домашни и надворешни сили се обидуваат да го запрат напредокот кон ЕУ, предупредува Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски одново посочи дека во Македонија и надвор од неа, има сили со ист извор, кои се обидуваат да го забават напредокот на државата кон ЕУ. Тој не посочи за кого станува збор, но рече дека нивната тактика е тоа да го прават преку лаги за македонскиот идентитет.
„Некои сили внатре во државата, но и надвор од државата, со ист извор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и европската иднина на нашите деца. Тоа го прават со лаги, злоупотреби за најчувствителната точка – македонскиот идентитет. Со тоа нанесуваат огромна штета, токму на нашите идентитетски определби“, додаде Ковачевски.
На одбележувањето на 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков, премиерот Ковачевски посочи дека македонскиот јазик е прифатен и до ЕУ благодарение на владините политики.
„Македонскиот јазик беше оспоруван во политичкиот свет. Тоа го знаел и Мисирков, кога книгата ‘За македонцките работи’ ја поставил на пет поглавја и во нив покрај за создавањето на современиот македонски јазик, зборува за политичките и културните предуслови за формирањето на македонска нација. Минатата година со почнувањето на преговорите со ЕУ, ставивме крај на внимателните политички формулации дека зборуваме јазик на Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски. Македонскиот јазик денес е официјален јазик во ЕУ. Првиот договор со ЕУ веќе е потпишан на чист македонски јазик“, рече Ковачевски.
Додаде дека македонскиот јазик е научна, книжевна и политичка реалност во Македонија и светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

