Македонија
До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во 2027 година
За речиси еден и пол месец, премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид. Со нив и со делот што викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а преостанатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево – Охрид ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри, кои очекувам до крајот на август да бидат пуштени во функција, со што од вкупната делница од 57 километри, до крајот на август 34-35 км ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево, кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.
Дополнително, треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево, која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.
Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.
„За сето ова за што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи, за жал, тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот, без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.
Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево – Охрид досега чини 598 милиони евра место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството за куќниот притвор на Груби: Се водиме исклучиво од законските основи
Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи, велат од ЈОРМ.
„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.

