Македонија
Европскиот фронт: ВМРО го напаѓа Фронтот со аргументи на проруски центри и ја промовира албанската опозиција
Плашејќи се од победата на Европскиот фронт, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините лидери продолжуваат да измислуваaт за Демократската унија за интеграција, а истовремено обвинуваат на ист начин како многуте проруски центри во Северна Македонија.
Последно што доаѓа од ВМРО, потпретседателот Тимчо Муцунски ја обвини ДУИ за корупција, додавајќи дека „сегашното раководство на ДУИ не треба да има позиција во ниту една идна влада што ќе се формира“, соопштија од Европскиот фронт.
ДУИ и Европскиот фронт оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која треба да зборува за криминал и корупција, особено кога се уште се активни десетици судски процеси против нивните функционери кои не успеале да ја напуштат државата.
Ги потсетуваат, Муцунски и ВМРО дека, како и во последните два изборни циклуси, ДУИ беше таа која победи на изборите и дека истото ќе се случи на 24 април и 8 мај, кога апсолутен победник ќе биде Европскиот фронт предводен од ДУИ и ќе биде клучот за формирање на идната Влада.
„Со текот на времето, на јавноста и е јасно која партија сака борба против корупцијата, а која партија е синоним за криминал и корупција.
Останува отворен повикот на Демократската унија за интеграција за ветинг(проверка) на секој што води или е предложен да раководи со која било државна институција и покрај одбивањето токму на ВМРО да се изгласа.
За да го докажеме спротивното, ги предизвикуваме Муцунски и Мицкоски да ги повикаат своите пратеници и сега – со овој сегашен состав на пратеници – да го усвоиме предлог-законот на ДУИ за ветинг што со години чека во Собранието“, се додава во напишаното.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Европскиот фронт, како што истакнуваат, ја поддржаа каузата за земја членка во Европската унија и бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, како два главни столба на изборната програма на двојните избори во Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.

