Македонија
Жерновски на 16. мешовит парламентарен комитет во Стразбур
Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во рамките на посетата на Европскиот парламент во Стразбур оствари повеќе средби со европратеници од разни политички групи. Покрај Едуард Кукан (ЕПП, Словачка) и Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), кои се известители за нашата држава, се сретна и со Илхан Кјучук (АЛДЕ, Бугарија), Кати Пири (СД, Холандија) и Виктор Боштинару (СД, Романија).
На состаноците стана збор за динамиката на спроведување на клучните реформски области, за внатрешнополитичките случувања, а се разговараше и за предизвиците со кои се соочува Европската унија во моментот.
Република Северна Македонија, покрај огромната енергија што ја вложи, како и големиот успех што го постигна во напорите за надминување на отворените политички прашања – преспанскиот договор со Република Грција и договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не отстапи од реформската динамика и не дозволи дефокусирање на земјата од оваа агенда, истакна Жерновски на средбите.
Изрази надеж дека позитивните случувања ќе бидат објективно пренесени во наредниот извештај на Европската комисија, што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката од страна на Европскиот совет во јуни, за конечен почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Беше пренесена благодарноста до европратениците за нивните заложби за негување на политичкиот дијалог и во тој контекст беше потенцирано дека проектот за интеграција во ЕУ и НАТО треба да нè обедини, битката за правна држава треба да биде натпартиска битка, а законот за СЈО треба да биде консензуално решение, кое ќе ја направи нашата држава уште посилна.
Соговорниците беа согласни дека Република Северна Македонија за еден многу кус период стана пример на држава што продуцира позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, земја што потпиша пристапен протокол за членство во НАТО и земја модел, која со решавање големи историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.
Европратениците на ЗМНР на Жерновски му ја пренесоа позитивната вест, а тоа е препораката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија во јуни годинава, која, утре, за време на 16. состанок на заедничкиот парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Северна Македонија, ќе биде усвоена како дел од препораките.
Во рамките на посетата предвидена е средба и со Дејвид Кулен, одговорен за македонското досие во Европската комисија, како и со други европратеници и претставници на европските институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ние како мнозинство немаме од што да бегаме, ќе се расчистат сите прашања поврзани со трагедијата во Кочани
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека во периодот кога државата ја воделе СДСМ и ДУИ се закажувале анкетни комисии, но не се обезбедувал кворум. Стојаноски рече дека поради тоа била упатена покана до претседателот на Левица, како и до сите други пратенички групи, да се најде нов датум за седницата закажана за 9 декември.
Тој посочи дека целта е да се договори термин до крајот на годината во кој седницата би се одржала и на кој би можеле да присуствуваат сите поканети, меѓу кои и премиерот.
„Уште еднаш кажувам, ние како мнозинство и како политичка партија апсолутно немаме од што да бегаме“, изјави Стојаноски.
Тој додаде дека се подготвени да ги расчистат сите прашања што ги имаат родителите на загинатите во трагедијата во Кочани, како и прашањата поврзани со претходни трагедии. Според Стојаноски, преку една сеопфатна анкетна комисија може да се дојде до одговори на сите прашања што се поставуваат во општеството.
Додаде дека денеска на собраниска седница, со 84 гласа „за“, беше донесена одлука за формирање на анкетна комисија која ќе ги опфати сите немили случаи и трагедии во кои изгубија живот 138 лица. Комисијата ќе ги опфати случаите со модуларната клиника во Тетово, автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, како и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од парламентарното мнозинство посочуваат дека со ваквата одлука покажуваат дека се први кои сакаат овие случаи да се расчистат и одговорноста — законска или политичка — да ја понесе секој што бил виновен за случувањето на трагедиите.
„Она кое што е важно и би сакал да го истакнам, е дека со ова, успеавме да ја прекинеме политичката игра на некрофилство во која што беа западнати СДСМ и Левица сакајќи да добијат политички поени од едни вакви трагедии“, се наведува во изјавата.
Македонија
(Видео) Спасовски: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против Анкетна комисија за Кочани – ново разочарување за семејствата
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласале против формирање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, иницијатива поднесена од пратеничките групи на СДСМ и Левица и поддржана од Европскиот фронт.
Спасовски посочи дека пратениците кои ја поддржале иницијативата направиле сè што можеле, но, како што рече, владеачкото мнозинство не покажало „ниту емпатија, ниту разбирање, ниту елементарно чувство“ за семејствата на загинатите и повредените.
„Очигледно ова е партиска директива“, изјави Спасовски, додавајќи дека повторно се враќа време на „протест и контрапротест, пленум и контрапленум“. Тој оцени дека мнозинството го вреднува само она што произлегува од нивните редови, без еднаков третман на иницијативите од другите претставници.
Според Спасовски, ваквата одлука претставува „уште едно понижување и разочарување“ за семејствата што ја изгубиле најголемата вредност. „Родителите и семејствата чекаат барем трошка надеж, барем трошка вистина, барем малку човечност“, рече тој.
Тој додаде дека Парламентот пропуштил можност да покаже единство и солидарност.
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.

