Македонија
Заев-Акар: Продолжуваме да ги одржуваме добрите односи меѓу двете земји
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска го прими во посета министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, кој претходно се сретна со заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Премиерот Заев им посака добредојде на гостите од Министерството за одбрана на Турција и изрази благодарност за постојаната и искрена поддршка на Република Турција во остварувањето на стратешките цели на нашата земја – членството во НАТО и ЕУ.
Заев ја истакна севкупната исклучително добра соработка со Република Турција, која е во врвот на листата земји со кои имаме најдобра економска соработка. Тој посебно ја издвои соработката на планот на одбранбените и безбедносните прашања и политики за кои со Турција делиме заеднички пристап во однос на глобалните безбедносни закани.
„Турција е земјата со која имаме долгогодишна соработка меѓу министерствата за одбрана и меѓу армиите на двете земји. Од огромна важност и значење се остварените обуки, логистиката и материјалната поддршка што ја добиваме од оваа соработка. Особено заради подигањето на стандардите на нашите војници и армија соодветно на стандардите на НАТО“, рече премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар.
Министерот Акар на средбата ја нагласи долгата заедничка историја на добри односи меѓу двете земји и изрази честитки за напредокот на нашата земја во евро-атлантските процеси, потенцираше дека членството во овие сојузи на Република Северна Македонија е само прашање на време, и истакна дека Турција и натаму останува искрен и силен партнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.