Македонија
Заев во Лондон: Членството во НАТО е остварување на нашата сегашна генерација
Како нова земја членка на НАТО, носиме позитивен придонес за стабилноста и просперитетот на регионот на Западен Балкан. Ние ќе продолжиме да ги споделуваме европските и евро-атлантските основни принципи и вредности. Ние ќе ги поддржиме сите земји од нашето соседство во исполнувањето на нивните стратешки важни цели, особено оние што се поврзани со перспективите на евро-атлантските и европските интеграции, порача претседателот на Владата, Зоран Заев на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”), како дел од програмата на Состанокот на лидерите на НАТО во Лондон.
На конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”), на која присуствуваше нашата делегација со заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик-претседателот во владата за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.
„Го остваруваме сонот за сите во Северна Македонија. Тоа е остварување на нашата стратешка цел и суверен избор што беше направен пред 25 години. Членството во НАТО е аспирација на многу минати генерации, остварување на нашата сегашна генерација и визија за идните. Со членството во НАТО добиваме стабилност и безбедност. Исто така, тоа значи и подобра перспектива за нашата економија“.
Премиерот Заев истакна дека земјата е силно детерминирана во борбата против организираниот криминал и корупцијата и на континуитет на демократските реформи, а на регионален план ги решивме билатералните спорови со Бугарија и со Грција во 2018 година, без оглед на опструкциите кои постоеја.
„Од земја што генерираше кризи, се трансформиравме во земја што генерира безбедност. Немаме отворени проблеми со соседите. Ние сме единствени во регионот на Западен Балкан од таа перспектива. Договорот од Преспа е најдобриот пример за успех на дипломатијата и дијалогот. Тој стави крај на долг и тежок спор. Проблемот со името беше отворен три децении. Овие беа три децении неизвесност за нашата иднина. Три децении блокирани перспективи за нашиот клучен стратешки интерес“, нагласи Заев.

Премиерот рече дека достигнувањата на Северна Македонија ги охрабруваат другите лидери во регионот да бидат посветени на одржување на мирот и стабилноста, да ја зголемат регионалната соработка, да го зајакнат економскиот развој и да бидат силно посветени на интеграцијата во ЕУ.
„Ние сме целосно посветени на агендата за реформи во ЕУ. Испорачавме резултати, го спроведуваме договорот од Преспа и реформите дома. За жал, ЕУ не донесе одлука за старт на преговорите и тоа беше грешка што има многу негативни ефекти и го зајакна интересот на трети страни во регионот. Но, за Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО”, истакна Заев.
Премиерот одговараше и на прашања во врска со предизвиците на модерното време, опасноста од сајбер и хибридни напади, потенцирајќи дека нашата земја во партнерство со членките на алијансата е фокусирана на борбата против овие закани и тие не можат да го загрозат нашиот пат кон НАТО-алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Тошковски вели дека Безбеден град не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира прекршок
Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Фејсбук објава, информирајќи дека денеска бил на терен, на локација, каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот „Безбеден град“.
Тој нагласи дека во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, додава Тошковски, камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, вели министерот, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
-Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи, нагласи Тошковски.
Македонија
Од ноќеска обилни дождови
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд, што наместа ќе бидат пообилни – над 30 литри на квадратен метар, проследени со ретки грмежи. На планините, врнежите ќе бидат од снег, информираа денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
– Во вторник претпладне сè уште во источните делови ќе има слаби врнежи од дожд во пониските и дожд и снег на повисоките места и на планините. Попладне времето ќе се стабилизира, а во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег, соопштија од УХМР.
За во Скопје, најавено е утре, почнувајќи од утринските часови, да има повремени врнежи од дожд, што попладне и во текот на ноќта ќе бидат пообилни. Се очекува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

