Македонија
Заев: Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност
Како земја ги поставуваме темелите на интеркултурното разбирање и докажуваме дека можеме да бидеме модел за успешно и функционално општество еднакво за сите, порача премиерот Зоран Заев, на меѓународната конференција „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, во организација на канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која денеска се одржа во Скопје.
„Интеркултурализмот е тесно поврзан со вредности, како владеењето на правото, човековите права, демократијата, културата на мир и дијалог, заемното почитување, родовата еднаквост, како и европскиот идентитет. Различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност и ќе продолжиме позитивно да ги користиме, да ги учиме нашите поколенија дека солидарноста, толерантноста и недискриминацијата по сите основи се придобивките што може само да нè поврзуваат, а не да нè делат“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како домаќин на конференцијата потенцира дека кога нема правда, кога владее корупција и кога економијата назадува, сите се оштетени.
„Колку повеќе ќе се обединиме за вредностите што ги унапредуваат еднаквоста и интеграцијата на општеството преку интеркултурна толеранција и дијалог – толку посилна ќе ни биде нацијата. Во изминатиот период покажавме дека имаме капацитет да споделуваме и да извезуваме стабилност и добри вести и во регионот, но и надвор од него преку силна политичка посветеност и лидерство за надминување на отворените прашања со соседите, но и за смело носење со домашната реформска агенда, а секако во насока на обезбедување подобро утре на сите нашите граѓани“, истакна министерот Димитров.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која, во Скопје истакна дека ОБСЕ ѝ помага на земјата да ги отповика трендовите на разделби и да ги зајакне своите капацитети за градење едно општество за сите.
„Јас навистина ги потврдувам и поддржувам напорите на канцеларијата на премиерот да ја развие и имплементира оваа стратегија“, додаде амбасадорот Која.
Ламберто Заниер, висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, во своето обраќање истакна дека му честита на премиерот Заев и на Владата за изработката на оваа стратегија, која во свет во кој има толку многу поделби врши промоција на политики што имаат цел спојување и кохезија и промовираат стабилност.
„И овој основен принцип е во суштината на мојот мандат“. Интеграцијата е двонасочна улица и ги зголемува правата во општеството на етничките заедници. Спроведување на оваа стратегија и на Охридскиот рамковен договор ги елиминира сите разделни линии по етничка основа. Успехот на едно општество се гледа во успехот на интеграцијата. Северна Македонија не смее да има сегрегациски училишта и една од целите на мојата канцеларија е да се воведе и интеграција во образованието“, рече во своето обраќање високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Ламберто Заниер.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, се осврна на смелоста на Владата за донесување на оваа стратегија во која не може да има едно општество доколку индивидуалните етнички и културни права не се почитуваат.
„Оваа стратегија е обид да се трансформира едно општество за да се обезбедат еднаквост, правда и можности за сите. Европската Унија дава екстензивна политичка и финансиска поддршка во имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Потребна е силна заложба од сите, визија и ангажман заедно со невладиниот сектор да се формираат политики што ќе функционираат на терен. Природата на процесот е константна работа“, додаде Жбогар на меѓународната конференција „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“, во организација на канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која денеска се одржа во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

