Македонија
Заев се сретна со високи владини претставници на Финска и Ирска
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со Хелен Мекенти, министерка за европски прашања на Ирска, и Самули Виртанен, државен секретар и заменик-министер во МНР на Финска.
На средбата е констатирано дека Република Македонија се движи напред преку реформскиот процес и е изразено охрабрување дека и Ирска и Финска го поддржуваат и ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на државата.
Посебно се разговарало за важноста од постигнувањето вредности во клучни области, како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, транспарентноста, почитувањето на човековите права, инвестициите, отворањето нови работни места, развојот на економијата, стабилност и безбедност во државата.
Премиерот Заев рече дека членството на идната Република Северна Македонија во НАТО значи стабилност и безбедност за државата, но и за регионот и дека тоа отвора пат за нови инвестиции и економски развој.
„Има голем интерес од инвеститори што ја препознаваат позитивната клима во нашата држава за инвестирање. Тоа за нас значи шанси за задржување на младите својата иднина да ја гледаат и градат во Република Македонија. Во однос на реформите, посветени сме до крајот на февруари да ги донесеме оние што ги правиме во правосудството за поголема независност, транспарентност, со цел заштита на човековите права. Работиме со консензус да ги избереме членовите на новата антикорупциска комисија. Во тек се реформите во јавната администрација, со цел поголема професионалност. Во завршна фаза, во консултации со земјите членки на НАТО, се реформите во безбедносниот систем. Реформите во медиумите се со цел објективно новинарство. Со сето ова што го работиме се надеваме дека ќе дадеме силни аргументи во јуни, од Советот на министрите на ЕУ, да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Продолжете да нè мотивирате“, рече премиерот Заев.
На средбата се разговарало и за посветеноста на Владата за создавање квалификувана работна сила и за потребните позитивни европски искуства во делот на образованието, што нашата држава е подготвена да ги земе предвид.
Заев истакна дека имаме културни и традиционални вредности што можеме да ги споделиме со Европа, дека се покажавме добри партнери во справувањето со бегалската криза и ги повика властите во двете земји да продолжат да нè поддржуваат во реформскиот процес, потребен за евро-атлантскиот процес, но и за квалитетот на животот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Црвената младина со поддршка на протестот против бетонизација во скопската населба Лисиче
Црвената младина како што информираат во нивниот допис, дава поддршка на протестот против бетонизација во скопската населба Лисиче
Протестот, како што велат, беше организиран од неформалната комшиска иницијатива „Да го зачуваме Лисиче“ која се бори против насилната бетонизација на Лисиче.
„Ние, како Црвена Младина и како свесни млади луѓе огорчени од бетонизацијата низ целиот град во Скопје застанавме рамо до рамо со жителите“, прецизираат од Црвена младина.
Скопје
Христијан Митевски на прием кај градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски
Кабинетот на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски го посети Христијан Митевски од Штип кој беше специјален гостин, информираше општина Илинден.
„Христијан е личност со попреченост, но полн со идеи, со живот, позитивна енергија, широко срце за дружење. Тој се обидува да придонесе да се подобри општеството, во кое ќе преовладува почитта, мирот, разбирањето и љубовна, но и општество во кое треба да имаме европски вредности.
Градоначалникот истакна дека му претставува чест и задоволство што Христијан ја посети Општина Илинден“, се наведува во соопштението на општината.
Македонија
За грабнувањето и свирепото убиство на Вања и Панче – обвинение против четворица, за Палчо и за возачот продолжува истрагата
Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица.
Тројца од обвинетите се гонат за:
– едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик,
– едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.
„Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
На 22.11.2023, заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.
Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете.
Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда.
Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка.
Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот “Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.
Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач.
Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал.
Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Република Турција. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост“, соопшти Обвинителството.