Македонија
Заев со амбасадорката на Србија – билатералните прашања во преговарачките процеси со ЕУ опасен преседан
Премиерот Зоран Заев се сретна со Невена Јовановиќ, новоименувата амбасадорка на Република Србија во нашата држава.
На состанокот, како што соопштија владините служби, било заеднички констатирано дека постои одлична билатерална соработка помеѓу двете пријателски држави и дека е тоа добра основа за продлабочување на економските односи.
Било оценето и дека можностите од инфраструктурното поврзување помеѓу двете држави значат отворен простор за развој на економијата и на инвестицискиот амбиент, што носи економски придобивки за граѓаните на двете земји.
Во таа насока е потенцирано значењето на регионалното економско поврзување и на создавањето заеднички регионален пазар, кој може да биде конкурентен на европските пазари и пошироко на меѓународен план.
Во однос на евроинтеграциските процеси во регионални рамки било потенцирано значењето на продолжување на проширувањето на Европската Унија, како и на потребата од потврдување на довербата кон ЕУ, кон која целат сите земји од регионот, со процена дека е опасен преседан, со пошироки последици на регионален план, дозволувањето навлегување билатерални прашања во преговарачките процеси.
Амбасадорката на Србија притоа пренесе јасна поддршка од Република Србија за европските перспективи на Република Северна Македонија и на почетокот на преговорите со ЕУ, велат од Владата.
„Покажавме дека Западен Балкан може да биде извор на демократија и на стабилност и треба да продолжиме да се развиваме на економски план и почитувајќи ги европските вредности, со што ќе придонесеме во реализацијата на нашите евроинтеграциски цели“, рече премиерот Заев.
Заев упатил благодарност до политичкото раководство на Србија и до граѓаните на Србија за покажаната солидарност и донираните вакцини за лекарите и медицинскиот персонал во нашата држава, во најспецифичните моменти за време на пандемијата, како и за тековниот процес на вакцинација што Србија го овозможи за граѓаните. Благодарност била изразена и од страна на српската амбасадорка Јовановиќ за поддршката од македонска страна во меѓусебната соработка во првите месеци од пандемијата, како и за ослободувањето на српските граѓани што патуваа летово преку нашата држава од плаќањето патарини.
На состанокот било разговарано за реализацијата на повеќе билатерални прашања, како што е отворањето на културно-информативните центри во двете држави, интересот за воспоставување реципроцитет за стекнување сопственост на приватен имот, унапредувањето на системот една гранична точка (Оne stop shop), кој е почнат, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

