Македонија
Затворот „Идризово“ бара командирите и дома да добијат обезбедување оти за три месеци изгореа шест нивни автомобили
Затворот „Идризово“ бара командирите на смена и чуварите од затворската полиција да добијат обезбедување додека се дома оти постојано добиваат закани, а во последниве три месеци во подметнати пожари изгореа шест нивни автомобили. Директорот на затворот, Зоран Јовановски, за „Макфакс“ вели дека веќе разговарале со претставници од Министерството за внатрешни работи за продлабочување на соработката.
„Побаравме обезбедување и ја разгледуваме можноста командирите да добијат обезбедување додека се дома. Закани добиваат постојано и за нив тоа и не е толку страшно оти знаат каде работат, во затворот, меѓу другото, беше прогласена кризна состојба, но тешко и стресно е за семејствата. Ова го бараме за да ги заштитиме токму семејствата. Сите пожари на автомобилите беа дома кај вработените, затоа бараме сите што добиваат закани, што се на изложените места во затворот, да добијат обезбедување дома“, вели директорот Јовановски.
Иако немаат доволно вработени, Јовановски вели дека се подготвени да учествуваат и да го делат обезбедувањето на домовите на вработените со полицијата.
Тој потврди дека во последниот пожар пред два дена вторпат изгоре автомобил на нивен командир.
Во пожар почнаа да горат автомобили на вработени во затворот во средината на април годинава. Тогаш изгоре и службениот „пасат“ на заменик-директорот на затворот, Феми Јонузи, кој си заминал дома со службеното возило.
Министерството за внатрешни работи во соработка со Обвинителството сѐ уште ги истражува сите шест случаи на опожарени возила.
„Во изминатиот период во СВР Скопје евидентирани се шест пријави за опожарени возила на лица што работат во затворската полиција, конкретно во КПУ ‘Затвор Идризово’. За сите случаи преземени се сите неопходни мерки и активности во координација со јавен обвинител и по негови насоки се преземаат дополнителни мерки и активности за нивно целосно расчистување“, велат од МВР.
За барањето за обезбедување на домовите на изложените затворски полицајци, дополнително ќе известат. Од 8 јуни, кога беше прогласена кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување безбедносни закани, за одржување на редот во затворот на затворската полиција ѝ помагаат полицајци од Министерството за внатрешни работи и војници од Армијата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела се пофали дека откако тие заедно со Армијата помагаат во „Идризово“, драстично се намалил бројот на разбојништва и кражби и на територијата на општина Гази Баба, но и на територијата на градот Скопје, што им укажало дека се регулираат и бегствата од затворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ не ја прифаќа понудата на Максим Димитриевски
Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ и непринципиелните коалиции. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек-партија СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени, се вели во одговорот на социјалдемократите на вчерашната понуда на ЗНАМ.
Вчера Максим Димитриевски, претседателот на ЗНМ рече дека единствен услов за евентуална соработка со СДСМ е оставка на раководството на партијата во рок од 24 часа, а носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.
Македонија
Силјановска Давкова: Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино
Гордана Силјановска-Давкова порача од Струмица дека ќе се вивне политичкиот вулкан како отпор на феудалните енклави на замислените европјани.
„Во Струмица се чувствувам особено добро бидејќи знам дека оттука ќе тргне тој политички вулкан што ќе стави крај на последната феудална енклава во Македонија. Таа енклава ја нареков феудот на Заеви што ќе се распадне! Замислете, „заколнати“ самонаречени европјани мислат дека со рефудализација ќе стигнат во ЕУ. Неверојатно нешто! Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино“, вели Силјановска-Давкова.
Како што цели, во дебата, квази дебата на давеник што се фаќа за сламка, била прашана како може да не го употребува името „северна“, и дека го кршела Уставот.
„ Му објаснив дека правото на самоопределување е колективно право и дека Македонија истото го искористи уште на АСНОМ. Но и дека секој од нас има право на индивидуално самоопределување и дека никој, никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името Македонија. Замислете, во една емисија, во еден изборен циклус, не знаете кој е кој, не знаете со кого разговарате, бидејќи господинот Пендаровски неколку пати го негира она што го кажал. Во една изјава сум одличен професор, меѓународно признат експерт, дека сум имала висока морална вертикала. Па после вика не, јас мислев на висока морална вертикала во однос на Уставниот суд. Пазете, луѓево имаат по десет морални вертикали. Еднаш за Уставниот суд, еднаш за Собрание, еднаш за претседател… Неверојатен конгломерат. Како тогаш очекувате став од ваквите луѓе? Како очекувате да опстојат?“, додава Силјановска-Давкова.
Македонија
Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС, со распределбата на ваучерите направен милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Милионерот Дарко Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на Агенциојата за млади и спорт, АМС, со распределбата на ваучерите направен е милионски криминал, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Каевски како директор на АМС, неговиот наследник Наумче Мојсовски и Даниел Димевски од МОК се гонат заради сомнежи дека како директори на Агенцијата, но и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и луѓето што имале законско право на тие пари, а не им биле доделени“, дополнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, во предметот на Државната комисија за спречување на корупцијата, врз основа на кој, како што известија медиумите, е поднесена пријавата и отпочната постапката се присутни сомневања дека спортските федерации, клубовите и спортистите добиваа ваучери, а одредена фирма ги реализирала под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување.
„Сега е повеќе од јасно зошти Каевски беше најжесток гласноговорник на СДС, повеќе од очигледно е дека интересот му бил голем. По оваа афера станува јасно зошто спортот во Македонија во последните 7 години е на историско најниско ниво. Наместо за развој на спортот, парите наменети за истиот се пренасочувани во криминални шеми, додаваат од партијата.