Македонија
Здруженијата за заштита на животните на протест пред Владата
Со мотото „Не се безбедни во својата држава! Ајде да пробаме по наше!“, десетици здруженија за заштита на животните и поединци активисти ќе одржат протест пред седиштето на Владата, a по повод последниот настан што се случи во Струга кога човек, шетајќи со пушка низ градот, уби десетина кучиња и по зачестените напади на граѓани од страна на кучињата по улиците.
„Одбиваме во 21 век да бидеме сведоци на примитивизам, насилство и на незаконско и ѕверско однесување на поединци, кое носи непоправливи штети, а може да загрози и човечки животи. Свесни ли се воопшто надлежните дека некои од куршумите наменети за кучињата можеа да усмртат луѓе?
Ние, како здруженија и како активисти, свесни сме за преголемата популација кучиња на целата територија на државата и правиме сè што е во наша моќ да удомиме и да ги тргнеме од улиците, но битката не можеме да ја водиме сами оти оние што се надлежни да ги носат одлуките се глуви за проблемот!
За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои може да настрадаат и луѓе, до надлежните институции, кои патем се најповикани за решавање на проблемот, ги поставуваме следните барања:
– Обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територијата на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците;
– Задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – глоба од 80 евра првиот пат и 180 евра доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата;
– Зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело што ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл.) и за нечипирани миленици;
– Зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици бидејќи моментната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња;
– Забрана и казни за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници;
– Ангажирање локални инспектори или формирање посебно тело, Animal Police, кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица бидејќи секојдневно се соочуваме со нови и нови кутриња, кои како партали се фрлаат пред контејнерите. Сите тие понатаму стануваат бездомни кучиња доколку не ги преземат здруженијата и љубителите!;
– Изградба на азил за кучиња во секоја општина, во соработка со локалните здруженија.
И нам ни е преку глава од држава што дозволува неконтролирано размножување и дозволува создавање глутници во урбани средина. И нам ни е преку глава од кучиња на улица, кои секој психопат се охрабрува да ги мачи, убива и да ги малтретира. И ние не сакаме да гледаме повредени луѓе од кучиња на улиците! И нам ни е преку глава од функционери што улиците ги минат со скапи автомобили од буџетски пари, кои може да бидат пренаменети за да се реши овој повеќедецениски проблем. Видовме дека нивните начини на справување со проблемот НЕ ВРОДИЈА плод! Слушнете ги нашиот глас и нашите предлози бидејќи ние сме тие што секојдневно се соочуваат и одблиску ги гледаат проблемите и страдањата и на кучињата и на луѓето!
Секој градоначалник, секоја општина, секој пратеник, секој министер, мора широко да ги отвори очите и да го реши овој проблем од корен! Секое друго решение ќе нè враќа назад додека не стигнеме до ниво на Дивиот Запад, кон кој сигурно чекориме! Нема повеќе оправдувања! Кучињата на улиците се последица на неодговорното однесување на луѓето и само со инспекции, казни и законски измени, а во соработка со здруженијата, може да се дојде до системско решение во корист на граѓаните. Не прифаќаме никаква друга опција!“, порачаа од здруженијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

