Македонија
(Видео) Зибери: Кожени ремени и метални синџири во болницата во Демир Хисар – психијатриските институции во катастрофална состојба
Народниот правобранител Насер Зибери на денешната прес-конференција ги истакна лошите услови на психијатриските установи во државата.
Зибери ги изнесе податоците од годишниот извештај на Националниот превентивен механизам за ризиците од тортура во сместувачките капацитети на лицата што се задржуваат или се лишени од слобода, и тоа, како што рече, на денот за поддршка на лицата против тортура.
„По ненајавените посети на надлежните, иако се прават скромни напори за подобрување на состојбите, сепак во поголем дел заложбите на властите за борба против тортура се повеќе декларативни отколку реални“, ова, како што спомена Зибери, е нотирано и од страна на меѓународните мисии.
Минатата година во фокусот биле психијатриските болници, поточно нивните судски одделенија.
Лошата состојба, ненавременото примање на терапијата, недостигот од соодветен кадар, особено во ноќните часови, се дел од проблемите со кои се соочуваат психијатриските болница во Скопје и во Демир Хисар.
„Персоналот не може да воспостави ред, конфликтите меѓу пациентите се многу чести, забележани се физички напади меѓу пациентите, ситуацијата е алармантна. Нотирани се чести бегства од неколку дена до неколку месеци, а тоа е, пред сè, поради лошите услови во институциите, слабиот менаџмент и недостигот на соодветен кадар“, нагласи Зибери.
Слична е состојбата, како што нагласи, и во болницата во Демир Хисар.
„Целиот објект е во крајно лоша состојба, хигиената е на лошо ниво, потребни се итни мерки за целосно реновирање“, рече Зибери.
Тој истакна дека при посетите биле забележани кожени ремени, метални синџири со катанци и кабли за кои укажа дека се забранети и изрази надеж дека тие не се употребуваат врз пациентите.
„При посетата на едно од работните одделенија на персоналот беа пронајдени кожени ремени за фиксација, за кои ни беше истакнато дека не се користат. Беа пронајдени и метални синџири со катанче, во друга просторија беше забележан цврст кабел, за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената. Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување со пациентите, народниот правобранител особено ја нагласува забраната за чување и користење метални синџири на одделенијата и воопшто во болниците“, вели Зибери.
Според него, и двете болници имаат сериозни недостатоци и препорача, надлежните, особено Министерството за здравство, да преземе соодветни мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

