Македонија
(Видео) За погодности се дава мито, во 14 квадрати сместени 15 лица, се спие на под – Зибери за проблемите во „Идризово“
Состојбите во казнено-поправните установи, што ги затекнал народниот правобранител, покажуваат дека тие се натрупани со затвореници во несоодветни услови. Народниот правобранител, Насер Зибери, констатира дека во најголемиот затвор „Идризово“, каде што затворениците треба да се ресоцијализираат, тие се предмет на барање мито, а владее и корупција. Зибери додаде дека несоодветните услови за сместување доведуваат и до насилство.
„Генералната констатација е дека сè уште се присутни проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица, несоодветни услови во кои тие се сместени, како и несоодветна здравствена заштита. Ваквата состојба создава висок ризик за меѓузатвореничко насилство. Проблемот за кој со години не се изнајде решение е навремената здравствена заштита на осудените лица“, посочува Зибери.
Тој додава дека проблемите се многубројни, особено во „Идризово“.
„Општа констатација е дека во најголемиот затвор во државата, во затвореното одделение, во најголемиот дел од просториите не се почитуваат европските затворски правила, кои налагаат дека минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се четири квадратни метри во заедничко домување или шест во самостојно домување. Тука условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица“, посочи Зибери.
Состојбата е далеку од задоволителна во „Идризово“. Во крило на затворот затвореници немале ни по еден квадрат, каде што може да ја издржуваат казната.
„Во третото крило, во една просторија, со површина од 14 квадратни метри, сместени се 15 осудени лица. Ниту еден квадрат немало за еден затвореник. Во тие 14 квадрати шест осудени спијат на душеци на подот, а другите на кревети на четири ката. Во друга просторија, со површина од 21,5 квадратен метар, сместени се 11 осудени лица. Во просторија од 19 квадратни метри сместени се 10 осудени лица“, рече Зибери.
Во друго крило, 36 лица спиеле на душеци на подот, во самиот ходник во крилото, и користат заеднички тоалет.
„Затвореници се сместуваат во ходници и на под“, додаде Зибери.
Секој ден се вика брзата помош и се носат затвореници на прегледи во клиниките оти во затворот нема доктори.
„Медицинскиот персонал не е доволен и не може да одговори на потребите на затворените лица“, додаде тој.
Користењето погодности е со давање мито.
„Добивањето одредена погодност сè уште се користи на начин што подразбира и подмитување. Има сериозни наводи дека митото, корупцијата и другите негативни елементи се присутни во затворот“, посочи тој.
За состојбата во „Идризово“, во интервју за „Макфакс“ зборуваше и в.д. директорот Зоран Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со УВ ламба и спреј ќе продолжи гласањето на избирачки места во Кочани, Охрид и Куманово
На едно избирачко место во Кочани, едно во Охрид и едно во Куманово, каде што утрово беа пријавени технички проблеми со биометриските уреди, гласањето ќе продолжи со УВ ламба и спреј. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски рече дека на сите останати места гласањето се тече без проблеми.
„Што се однесува до избирачките места кои ова утро имаа проблеми со користење на техничките апарати, во три избирачки места се отстранети, а во три ќе се продолжи со гласање со УВ ламба и спреј. Тоа се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид и 1100 во Куманово. Само на тие места ќе се гласа на стариот начин бидејќи на сите други места гласањето е во ред“, рече претседателот Даштевски.
Технички проблеми со биометриските уреди утрово беа пријавени и на гласачки места во Тетово и во Гази Баба.
До 11 часот во ДИК стигнале 164 приговори за лично избирачко право. Од нив 50 се усвоени и на гласачите им е овозможено да го остварат правото на глас, седум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите се уште се во обработка.
Македонија
Одѕивот на претседателските избори до 11 часот е 12,87 отсто, а на парламентарните 13,69 отсто
Според податоците од 2080 избирачки места за претседател на државата до 11 часот гласале 12,87 отсто од гласачите. Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека од вкупно запишани 1.096. 219 гласачи на овие избирачки места гласале 141.087 гласачи односно 12,87 отсто.
Најголем одѕив за претседателските избори има во Пробиштип 27,85 отсто, а најмал е одѕивот во Липково 1,76 отсто.
„Може да се забележи дека во Источна и Централна Македонија многу повеќе гласачи гласале на претседателските избори отколку во Западна Македонија каде што процентот е многу низок“, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.
До 11 часот пристигнати се податоци за одѕив на гласачите за парламентарните избори од 1.976 избирачки места. Од вкупно запишани 1. 030.092 гласачи на овие избирачки места гласале 140.990 граѓани. Одѕивот е 13,69 отсто. Најголем одѕив на парламентарните избори има во Кривогаштани 28.38 отсто, а најмал е одѕивот во Врапчиште 5,2 отсто.
Претседателот Даштевски речe дека споредено со парламентарните избори во 2020 година на денешните избори има зголемување на одѕивот од 2,69 отсто.
Македонија
Над 300 набљудувачи го следат изборниот процес
Со повеќе од 300 набљудувачи од 25 држави ОБСЕ го следи изборниот процес на избор на парламентарен состав и за претседател на државата.
За утре во 15:00 часот е закажана прес-конференција на која ќе бидат објавени прелиминарните податоци за текот на изборниот процес.
Специјалниот координатор на ОБСЕ, Николоз Самхарадзе им посака успех на гласачите и рече дека ќе ги следат изборите низ државата, во сите големи градови, но и во руралните средини.