Македонија
Иванов: Армијата е подготвена да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Македонија
Знамето што пред четврт век се крена тука, на Рамна Нива, претставуваше јасна и недвосмислена порака дека ова е територија на суверена и независна држава. Држава која е мирољубива и отворена за соработка со сите добронамерници. Но, истовремено, држава со своја сопствена армија која е подготвена по секоја цена да ги штити територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија. Ова го порача претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов денеска на свеченоста по повод 25-годишнината од преземањето на караулата „Рамна нива“ од страна на припадниците на АРМ и подигнувањето на знамето на Република Македонија на државната граница.
„И денес, како и пред четврт век, се соочуваме со предизвици. Но, и денес, како и пред четврт век, ја имаме Армијата на Република Македонија која е заштитник од заканите, гордост на граѓаните и надеж за мир во земјата“, додаде Иванов.
Армијата, рече тој, даде најголем придонес за исполнувањето на високите стандарди на полето на одбраната, а тоа се покажува и со успешното и професионално справување со заканата од илегалната миграција на нашата јужна граница.
„Од своето осамостојување до денес, Република Македонија води политика и гради систем што ќе овозможи нејзина целосна евроатлантска интеграција, во согласност со нејзините интереси, потреби и можности. Трансформацијата и модернизацијата на одбранбениот систем претставуваат наша цврста определба и обврска која и покрај некои објективни потешкотии, успешно се реализираат“, порача Иванов.
Со денешната свеченост беше одбележан и денот на Командата на резервните сили на АРМ.
„Односот помеѓу активната и резервната компонента на Армијата на Република Македонија мора да го трансформираме во согласност со мисијата и со задачите на АРМ, прилагодени за ефикасна одбрана на целата територија на Република Македонија. Во функција на ова, приоритетна цел за нас ќе биде одбранбеното планирање, кое јасно ја дефинира потребата од изедначување на оспособеноста и опременоста на резервата на ниво на активната компонента“, истакна во обраќањето македонскиот претседател.
Иванов посочи дека современите безбедносни предизвици со кои се соочува Македонија бараат примена на современ, унифициран и сеопфатен систем за образование и обука како на активниот, така и на резервниот состав на Армијата на Република Македонија и дека резервните сили треба да се трансформираат во поефикасна вооружена компонента, со соодветна и прилагодена организациска структура.
На воената свеченост покрај претседателот Иванов присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генерали на АРМ, Командата на резервните сили, претставници од МВР, локалната самоуправа, организација на резервни воени старешини и други гости./крај/мф
По повод 11 Март – денот на Командата на резервните сили на АРМ, беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата, и беше оддадена почит на загинатите борци за слобода на Република Македонија и загинатите припадници на АРМ./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска – Давкова: Имаме најмало и најстаро владино авионче во регионот, секогаш имам дилема дали да летам со него
Претседателката, Гордана Сиљановска – Давкова, призна дека секогаш има дилема кога треба да се вози со владиниот авион затоа што е стар 25 години. Таа, исто така, вели дека имаме најстаро и најмало владино авионче во регионот.
„Што можам да кажам? Ајде, да ве насмеам. Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам за мене, употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтина од користењето на комерцијални летови. Е сега, не е многу пријатно, и самата секогаш кажувам дека секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а и купено е на старо“, одговори Сиљановска -Давкова на новинарско прашање.
Таа смета дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо, како што кажа, авионче од нашето.
„Моите колеги претседатели велат дека е многу порационално и поевтино да се има поголемо авионче од нашето најмало авионче, бидејќи тогаш со еден лет ќе може повеќемина да одат и да се вратат кога сакаат, а ми замеруваат, а знам дека тоа е мој голем хендикеп, што со нас нема новинари. Со нив понекогаш доаѓаат и новинари“, рече Сиљановска – Давкова.
Македонија
Кривична пријава против раководни лица од Министерството за одбрана поднесе Независниот синдикат на професионални војници
Денес Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против раководни и овластени лица од МО поради основано сомнение за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и кривично дело Несовесно работење во службата по член 353-в, информираат од таму.
„Кривичната пријава ја поднесуваме врз основа на негативниот Конечен извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2024 година за Министерството за одбрана каде што е констатирано непочитување на законските одредби и Колективниот договор на МО.
Јавноста знае дека до 2023 година буџетот на МО е оштетен од тужби од вработени лица со 20 милиони евра, средства кои се исплатени од буџетот на МО за судски трошоци и исплати на припадници на Армијата.
Државниот завод за ревизија во извештајот утврди повторно непочитување на Колективниот договор на МО и Законот за служба и евидентирани се 1221 нови тужби за 2024 година. Оваа претставува повторно штета на буџетот со милионски суми“.
Како што појаснуваат од синдикатот, бројката на тужби од 2024 година, е веќе надмината во 2025 година , повторно поради непочитување на КД и законите, само за дискриминација и трансформирање на работниот однос за неполни три месеци има поднесено 280 тужби против МО, истакнуваат од таму.
Извештајот утврдил дека состојбата е непроменета во некои сектори цели 10 години, не се испочитувани забелешките и препораките на претходните ревизии и ништо не е подобрено.
„Очигледен е односот на МО и раководните лица, нивната негрижа за буџетските средства кои граѓаните на РМ ги обезбедуваат како даночни обврзници.
Бараме од ОЈО Скопје да отвори предмет за утврдување на одговорност на раководните и овластени лица од МО врз основа на доставениот Конечен извештај од Државниот завод за ревизија за МО за 2024 година“.
Македонија
(Видео) Младеновска: Власта тера луксуз и тендери, а крати 3 милиони евра за болните од ретки болести
Додека власта се расфрла со луксуз, брои летови со владиниот авион, патувања на море и милионски тендери, крати пари каде што не смее.
Следни на удар на оваа забегана и корумпирана власт се болните од ретки болести, истакна Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Парите од програмата за ретки болести се скратени за 180 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. Нема 3 милиони евра за пациентите, ама има за авион, за 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 74 за трета, има 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ и тендер преку пошта. Нема за плати, нема за земјоделци, нема за болни. И тоа додека бројот на пациенти со ретки болести расте, владата буџетот го намалува.
За Владата, како што рече, тоа можеби е само бројка во табела. Но, за пациентите, според неа, тоа е терапија што може да доцни, лек што може да недостига, третман што може да се прекине.
„Регистарот за ретки болести брои 1.093 пациенти. 240 од нив се деца до 14 години.
Ова не се бројки, туку тажни човечки судбини, дечиња, родители кои собирале пари, оделе од болница во болница, живееле во страв дали терапијата ќе стигне навреме.
За овие семејства секој ден е борба. За нив, здравјето не е политика – туку живот.
Кај ретките болести, доцнењето значи влошување, а понекогаш и неповратна штета“.
Како што оцени, со вакви кратења за 3 милиони евра, Владата директно ги доведува во ризик овие пациенти. Ова е неправда која мора веднаш да се исправи.
СДСМ, додаде таа, бара итно и неодложно зголемување на парите за програмата за ретки болести, најмалку на нивото од минатата година, со дополнителни средства согласно зголемениот број пациенти.
„Време е да се прекине луксузот на власта и да се поддржат најранливите“.

